„Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и другите“, вели ирскиот уметник и критичар Конор Мекгрејди за новиот фотогафски опус на Милчо Манчевски.
Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност Скопје ќе биде отворена изложба на фотографии „Таму“ од Милчо Манчевски, а притоа ќе биде промовирана и книга фотографии под ист наслов, на издавачката куќа „Антолог“.
Во книгата и изложбата се избрани 88 колор фотографии, создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас…
Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга, и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста… Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш. “ вели авторот.
„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“ кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканската Република, Србија, Грција, Хрватска…
Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во „Таму“, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“, пишува во предговорот на книгата, ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди, кој понатаму вели:
Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што ги дефинира овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. „Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, „Таму“ може да биде каде било, и на крајот е секаде“.
Кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова смета дека уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив.
Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост.
Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа Антолог и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите сладокусци на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“.
Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.
Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава.
Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.
Comments are closed for this post.