Уметникот Ѓорѓе Јовановиќ ќе учестува на групната изложба „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија” која од денеска до 12 септември ќе се одржува во престижниот музеј MAXXI во Рим.

Изложбата е на словенечката кураторка Зденка Бадовинац, а Ѓорѓе Јовановиќ ќе учествува со делото „Протестен споменик“.

Како што соопшти уметникот, клучното прашање со кое се занимава изложбата е дали социјалистичкото наследство може да помогне во обновување на концептот на „јавното добро“, на просторот на сложената територија што неодамна ја претрпе драмата на граѓанската војна и подемот на национализмот наспроти мултиетничката припадност што го карактеризира овој регион како и економската криза која влијаеше на цела Европа.

Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континурани борби? Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана“ позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба? Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки? Ова се некои од прашањата што Јовановиќ ги поставува преку своето дело.

На изложбата меѓу другите автори учествуваат и македонските уметници Нада Прља со делото „What Would Happen if We Succeed?“, Христина Иваноска со делата „Naming the Bridge: Rosa Plaveva and Nakie Bajram “ и „Document missing, n. 2” и Јане Чаловски со делото „ Undisciplined Construction of an Archive“.

Како што се посочува во соопштението, изложбата „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ претставува ново поглавје во програмата на Музејот, која преку редица истражувања посветени на Блискиот исток и Медитеранот, се занимава и со уметничките ферментирања на авторите од земјите од поранешна Југославија со специфичен клуч на интерпретација.