Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беше прогласен за најдобар филм на осмото издание на Тетовскиот интернационален филмски фестивал „ОДА“. Наградата ја подигнаа снимателите на филмот Фејми Даут и Самир Љума.

Драго ми е што со филмот се прикажа тука во Тетово, каде беа моите филмски почетоци во драмското студио. Штета што и Атиџе од филмот не беше тука да ја сподели радоста за наградата, рече Љума, кој е роден и живеел во Тетово.

Даут истакна дека драго му е што наградата доаѓа од фестивал од државава.

Видовме прекрасни реакции од публика што дава впечаток колку длабоко продре филмот во вас, рече Даут.

Жирито на Фестивалот наградата за најдобро сценарио му ја додели на Стефан Командарев и Симеон Венциславов од Бугарија за филмот „Рунди“. За најдобри актери беа прогласени Куштрим Хоџа (филмот „Студен ноември“) и Адриана Матоши („Куќата на агата“), како и победниците по категории.

На овогодинешното осмо издание на Тетовскиот интернационален филмски фестивал „ОДА“ што почна на 7 октомври беа прикажани 105 филмови од 23 земји.