Елена Чемерска е добитничка на наградата „Денес“ за млади визуелни уметници до 35 години, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ во соработка со Центар за современи уметности – Скопје.

Наградата подразбира двомесечен престој во Њујорк, САД во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc. и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

Чемерска беше една од четирите финалистки, меѓу кои и Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. Според интернационалната жири комисија, специјално креирана за оваа награда, во која членуваат Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитетот за уметности, Утрехт и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, уредник, куратор, уметнички предавач, уредник во ArtAsiaPacific и Whitehot Magazine of Contemporary Art; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка, претседателка на организацијата Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на Стацион – Центарот за современа уметност, Приштина, Косово и Верица Ковачевска, уметничка и претходна добитничка на наградата ДЕНЕС, одлучија Чемерска да ја добие наградата бидејќи нејзината пракса која продолжува и во новото дело дека треба да се поддржи и дека дополнително може да се развива во поинаков контекст од овој во земјава.

Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметничка и истражувачка од Скопје. Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој што човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.
– Му приоѓа на човечкото искуство низ призмата на она што Паоло Вирно го дефинира како врската помеѓу меморијата – трага длабоко втисната во нашето искусување на сегашноста, и иднината – хоризонт на можност. Нејзината работа се материјализира првенствено низ сликарство, цртеж, видеo – велат организаторите.

Наградата го носи името на истакнатата уметничка група „Денес“ која постоела од 1953 до 1955 во земјава. Годинава се доделува по 15. пат.