Автентични предмети од дрво кои народите од Западна Африка ги користеле во различни обреди ќе бидат претставени на изложба „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ која утревечер од 20 часот ќе биде отворена во Музејот на Македонија.
Над 70 ритуални маски, скулптури и ткаенини кои ќе бидат изложени пред македонската јавност се во сопственост на Музејот на африканската уметност од Белград, кој првпат по четири децении постоење реализира гостување во Македонија.
Предметите од дрво се од средината на 20 век и се употребувале за различни ритуали – погребување, иницијации, магии за опастанок поврзани со култовите на плодноста и предците… Нив ги користеле народи во западноафриканските земји: Гана, Буркина Фасо, Нигерија, Гвинеја, Мали, Бегот на Слоновата Коска и Либерија. Скулптурите се најчесто антропоморфни и се олицетворение на предците, починати членови на заедницата, духовите на природата…
Желбата ни беше да ја приближиме скулптуралната уметност која е најкарактеристична за регионот на западна Африка. Обредните предмети на најкомплексен начин го отсликуваат културното наследство, вредностите и погледите на свет на тие заедници кои живееле во некоја традиционална животна рамка се до модернизацијата во средината на 20 век. Некаде се уште се одржуваат тие преданија но, главно, по 1960-тите, по стекнувањето независност на тие африкански земји, тоа почнува да се губи и се менува таа уметничката продукција што била врзана за традицијата, рече попладнево на прес-конференција Александра Продановиќ-Бојовиќ, кустос во Музејот на африканската уметност од Белград
Оригиналните предмети од изложбата се дел од збирката на нивниот музеј која е формирана со донацијата на колекционерите Здравко и Веда Пеќар. Тие повеќе од 20 години биле дипломати на поранешна Југославија во тој дел од Африка во 1960-тите и 1970-тите години и предметите му ги подариле на градот Белград. За легатот на Пеќар и работата на музејот, Продановиќ-Бојовиќ ќе одржи предавање задутре во 12 часот во Музеј на Македонија.
Иницијативата за поставување на изложбата во Скопје е на Гоце Наумов, вработен во Музејот на Македонија, кој рече дека покрај тоа што изложбата ќе може да се посети до 17 декември, во врска со неа ќе бидат организирани и неколку предавања, проекции и работилници. Исто така, планираат наредната година да отворат изложба Африка во Македонија.
На утрешното отоврање на изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ ќе присуствуваат и некои од музичарите-гости на Скопски џез-фестивал кој ќе почне задутревечер. Придружен настан по официјалното отоврање на изложбата ќе биде дружење со африканска музика во кафе „Менада“.
Comments are closed for this post.