Друштвото на писатели на Македонија го распиша конкурсот за доделување на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга од писателка-членка на ДПМ, објавена во тековната година.

Во конкуренција за ова признание ќе влезат стихозбирките објавени од ноември 2019 година до крајот на октомври 2020 година.

Со оглед на моменталната ситуација со ковид-19, авторките и издавачите треба да ги достават книгите во електронска форма на адресата на ДПМ – drustvonapisateli@gmail.com (со назнака за конкурсот за наградата „Даница Ручигај“) најдоцна до 10 ноември 2020 година. Наградата се состои од плакета и ќе биде врачена на настан кој ќе соодветствува на мометалната ситуација, се наведува во соопштението на ДПМ.

Од Друштвото посочуваат дека доделувањето на оваа награда е дел од активностите на Клубот на писателките-членки на ДПМ, што го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај, која загина во скопскиот земјотрес во 1963 година.