Сликовницата „Бел“, по текст на Ника Гавровска и илустрации на Ристо Аврамовски ја доби наградата за најдобро илустрираното дело во изминатата година на Меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „Литера“ од Скопје. Оваа награда на пиедестал го става визуелното решение на делото. Три награди фестивалот додели за најдобри сликовници или книги за деца, вреднувајќи го текстот во делата. На конкурсот учествуваа нешто помалку од 30 изданија.
За најдобра сликовница за предучилишна возраст е прогласена „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ, а илустрации на Иванка Нива, во издание на „Art & Art studio Batev“. Во категоријата литература за деца од 6 до 13 години, за најдобра книга е прогласена „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева) во издание на „Арс ламина“, а во категоријата книги за млади – наградена е авторката Билјана С.Црвенковска за „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ со илустрации на Нита Муча, како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“.
Фестивалот „Литера“ прва година доделува награди за најдобрите изданија. Идејата е да се поттикне и да се поддржи литературата и илустрацијата за деца.
За наградата за најдобро илустрирано дело одлучи жирито во состав: Ване Костуранов, Софија Семенпеева-Трајановска и Емилија Ќипроска.
За книжевните награди одлучи жирито во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јуруковска и Ангела Трајковска.
Во рамките на „Литера“ беше доделена и награда за најдобро дете-автор на 11-годишната Јана Ѓорѓијевска од Скопје.
Третото издание на „Литера“ ќе се одржи на 3 јуни 2021 година. Организатор на фестивалот е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.
Comments are closed for this post.