На летната сцена на плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка беше отворено јубилејното, десетто издание на Интернационалниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“. Признанието-лауреат на годинашниот фестивал на Македонскиот актер му беше врачено на  Благоја Чоревски.

Осврт на неговото дело дадоа театарскиот критичар и селектор на фестивалот, Гоце Ристовски и Тодор Кузманов, театролог и театарски критичар.

Тој e повеќе од четири децении присутен на театарската сцена во Македонија и на меѓународната културна сцена. Станува збор за добар актер и сериозен уметник. Чоревски израснува во квалитетен творец, посветен на професијата, предан, професионален, одговорен и прецизен во креацијата на  улогитеод кои голем дел остануваат да важат како антологиски и му го гарантираат заслуженото место во пантеонот на македонското глумиште и макеоднскиот тетар, воопшто, рече Кузманов.

Чоревски е на сцената уште од неговата шеста година, потекнува од најтеатарското семејство во Македонија и има запишано повеќе од сто улоги. Неговиот татко е основоположник на македонскиот театар и актер во првата претстава на макеоднски јазик „Платон Кречет“.
 Она што на некоаков начин ние сомнболички го правиме со врачувањето на ова признание е метафоричко одбележување да те носи по патеките вашата супериорност и посакувам секаде да ве следи ореолот на св.Јоаким Осоговски и на сцените во вашата супериорна актерска кариера, но се разбира, и секаде во животот, порача Ристовски.

Чоревски се заблагодари на честа да биде лауреат на јубилејното еднодецениско постоење на фестивалот и рече дека ова признание многу му значи.

 Кога го добив ова признание и кога видов кој се застанал на оваа сцена да го добие, почнувајќи од мојата мајка, колешка и партнер на сцената, големата Милица Стојанова, бев особено трогнат. Нам, на актерите, секое признание, секое мало хартииче ни е особено драго. Навистина многу ми значи, среќни се тие што ја имаат,  и се надевам дека секогаш ќе ја доделувате на лицата со вистински вредности, рече Чоревски .

Јубилејни награди по повод десетгодишнината на фестивалот им беа врачени на доајенот на македонското актерство Милица Стојанова, Страшо Милошевски актер и девет години уметнички директор на фестивалот, Гоце Ристовски драмски критичар, новинар, публицист, драматург, Антонито Давитковски координатор на проектот, Стојанче Величковски автор на фестивалските плакати, фотограф и уметник и водителот и афирматор на фестивалот Жаклина Цветковска.

Актерската дива по потекло до Крива Паланка, Милица Стојанова, присутните ги почести со краток монолог во знак на благодарност за прзнанијата на сите добитници.

 Денеска започнува програмската понуда со ретроспективната изложба на театарска фотографија и плакат на уметникот, автор и дизајнер, Стојанче Величковски, од 19 часот во фоајето на НУ Центар за култура, а од 20 часот започнува претставата „Жена ми се вика Борис“ на Театар комедија, Скопје.

Во недела на програмата е „Хотел меѓу овој и оној свет“ на Општински народен театар, Дупница, Република Бугарија.

Фестивалот ќе трае седум дена, а ќе настапат девет театраски куќи и актерски ансамбли од Бугарија, Хрватска, Србија и Македонија.