Со претставата „Принцот Жаба“ на театарот „Крик“ од Скопје, почнаа деновите на театарот во Ресен.

Во рамките на програмата ресенската публика наредните три дена ќе има можност да ги погледне и претставите „Кокошка“ на Народниот театар од Битола, кабаре-комедијата „Од две мајки браќа“ на Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски и „Обзрни се во гнев“ во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

  Во полн ек е одржувањето на голем број настани од областа на културата во Ресен, но и на територијата на цела Преспа.  Деновите на театарот во понеделник, на 18 септември, продолжуваат со претставата „Кокошка“ на Народниот театар од Битола, во вторник  ни гостуваат познатите охридски актери Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски со кабаре-комедијата „Од две мајки браќа“, а во среда гостува уште еден театарски ансамбл. Станува збор за театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кој ќе ја изведе претставата „Обзрни се во гнев“, истакна директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Сите претстави, како што информира, ќе се одржат во кино салата во Ресен, која работи во состав на Домот на културата „Драги Тозија“, со почеток од 20 часот. До одржувањето на Ресенскиот јаболкобер, од Домот на културата „Драги Тозија“ најавуваат уште голем број културни настани, а веќе ги реализираа преспанските ликовни мотиви, на кои ликовните уметници твореа во Претор, покрај Преспанското Езеро