Православната црква и нејзините верници денеска го слават големиот празник посветен на Свети Василиј Острошки Чудотворец.
Свети Василиј е роден како Стојан Јовановиќ во Попово поле кај Требиње, а веќе на 12-годишна возраст бил испратен во манастирот Завала, каде што игумен бил неговиот вујко Серафим. По завршувањето на манастирското училиште се здобил со монашки чин и станал парохиски свештеник на Поповополе.
Починал во 1671 година, а неговите мошти и гроб се чуваат во најголемото православно светилиште – манастирот Острог во Црна Гора.
Меѓу народот постои длабоко вкоренето верување дека неговиот дух лекува болни, а за тоа сведочат и бројни приказни. Сите на кои овој светец им помогнал, при следната посета на манастирот Острог, ја запишуваат својата приказна на хартија, монасите ги собираат, ги чуваат и ги претвораат во книга.
Постои легенда дека еднаш одамна, од лулката од врвот на Горниот манастир паднало новороденче. Бидејќи Горниот Манастир се наоѓа во карпите на планината Острошка града, покрај самата карпа, на надморска височина од 900 метри, мајката се исплашила и поверувала дека го изгубила своето дете. Но, бебето било пронајдено живо и здраво на земја во подножјето на планината.
Comments are closed for this post.