Книгата „Непозната Македонија“ од новинарот и хроничар Васко Марковски неодамна ја објави издавачката куќа „Бегемот“. Од издавачката куќа велат дека ова издание има посебна вредност за локалната културна меморија.

„Непозната Македонија“ е еден голем мозаик составен од разнобојни, дребни, но филигрански обработени каменчиња, што функционираат како необврзна редоследна целина, пред сѐ според слободната сугестија на авторот на ракописот, но коишто, едновремено, можат да се читаат и независно и по слободен избор на редоследите, запазувајќи ги ­врските на прочитот единствено во најмалите мониста, кои Марковски ги ниже едноподруго, речито, од повеќе аспекти: од една страна информативно, но и чувствено богато – ­осветлувајќи места, простори и скриени урбани и природни локалитети, кои се дел од неговите, најнапред, лични преоткривања на просторот што толку многу му значи, и чии бројни аспекти и суштини ги споделува со својот читател како од него откриени, а од нив многу притаени и скриени скапоцености на овој така слоевит и богат простор… Во неговата книга се вкрстуваат сегашните објекти, простори, изгледи и минати приказни, митови, истории, ликови во една долга и богата низа од сказови, патеписи, репортажни записи и сведоштва на изворни личности, пишува Томислав Османли за книгата.

Книгата е издадена во едицијата „На пат“ и се впишува во традицијата на патеписната, репортерска и хроничарска литература, во која се чува знаењето и сеќавањето за личностите, местата и феномените што го обележуваат времето и просторот.

Васко Марковски е туристички водич, патеписец, фотограф, писател и литературен преведувач. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Најголемиот дел од професионалната кариера работи како новинар во петнаесетина медиуми: радио, дневни и неделни весници, мултимедија. Од 2018 година се посветил на професијата туристички водич.

Како автор на серијалот „Урбани легенди“ и во својство на главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“ e награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ и на монографијата „Урбани легенди“. Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Свири гитара, бас-гитара, мандола и мандолина.

Книгата е достапна во: Или-или, Антолог, Литература.мк (ул. Македонија и Сити Мол), Три (ГТЦ и Дебар Маало).