Неодамна имав можност да се запознаам со една млада жена во своите средни триесетти години. Првиот впечаток, кој подоцна, по подолг разговор ми се потврди, беше дека станува збор за исклучително храбра и решителна личност, упорна и неверојатно истрајна. Што ме натера да го донесам ваквиот заклучок? По неколку сосема случајни кафе-видувања ми рече: „Ирина, знам дека пишуваш и затоа сакам да ти раскажам една приказна. Се надевам дека можеби ќе биде објавена, но вети ми дека ќе ја пренесеш токму онака како што ќе ти ја раскажам затоа што тоа е мојата приказна, мојата животна приказна!“ Ветив, па она што ми го раскажа го пренесувам целосно, со воведната напомена на која таа инсистираше. Почнува вака….
*Напомена: Во оваа приказна ниту една случка не е измислена и секој лик во неа е вистински. Нека им послужи на оние помалку храбрите да истраат и да веруваат во сопствените можности.
Си било еднаш, не толку одамна, едно мирно, тивко и повлечено русокосо девојче, Швеѓанче, како што милувала да го нарече една од неговите многубројни баби. Девојче кое со страв гледало на светот и кое најсигурно се чувствувало во скутот на мама. На ова исто девојче на најрана возраст, како резултат на немилосрдна настинка проследена со висока температура, му се нарушил видот, по што било принудено да носи очила. Тие станале нераздвоен дел од нејзиниот детски лик, па низ годините што следувале било именувано како „девојчето со теглите“. Ова се оние исти тегли или очила – повторно, за оние малку поцивилизираните, што му служеле на девојчето подобро да го види и запознава светот околу себе. Тоа била една од навредите упатени од врсниците која му го парала срцето на девојчето, без притоа ниту еден од нив да се замисли за ефектот на исплуканиот коментар. Безгрижната детска маалска игра секогаш била поматувана од ваквите невкусни коментари. Девојчето со теглите немо сведочело и за грубото кршење на истите тие тегли под нозете на едно од најтемпераментните девојчиња во маалото.
Годините минувале, а истото тоа девојче повторно било доведено во искушение и се соочило со уште еден сериозен проблем во пубертетските години, проблемот наречен младешки акни. Погледите на околината биле исполнети со ужас и неверување, одбивноста на врсниците била очигледна, а чувството на душевна болка – необјасниво. Едноставно девојчето не ѝ припаѓало на глутницата, па таа решила да биде немилосрдна кон него. Дополнително и подбивните коментари ја подривале и таа мала самодоверба и себепочитување што девојчето ги чувствувало. Но, во еден момент проблемот бил успешно решен, секако, во нејзина полза. Една битка била добиена!
Годините минувале, а девојчето пораснало во девојка која продолжила да се соочува со низата комплекси што ѝ биле наметнати отстрана. Многу од нив некогаш, одамна. Борбата била полесна и поподнослива благодарение на најблиските и нивната неизмерна верба и љубов во способноста и можноста за успех, која не е условена од какви било физички карактеристики или недостатоци.
Девојката некако упорно си го пробивала патот, не толку самоуверено сè до судбинската средба на момчето со најтопла и најискрена душа и очи кои ја криеле целата вистина на овој свет! Но, на препреките со кои се соочувала им немало крај, па набрзо по нејзиното прво професионално остварување, моментот кога помислила дека можеби е на добар пат со своето знаење и залагања да постигне нешто значително, се соочила со средина во која знаењето се вреднува минимално за разлика од снаодливоста и лукавоста – момент на кој таа не била подготвена. За лицемерието и лажните насмевки девојката станала свесна години подоцна. Секојдневно, чекор по чекор, учела како успешно да плива меѓу ајкули и да го учи јазикот и однесувањето на бестрашните. Долг и макотрпен процес кој се провлекувал со години. Но, иако животот е понекогаш безобразен и дрско ни фрла ракавица в лице, доколку човек ја разбуди волјата во себе, може да се соочи со секоја препрека и да го моделира однесувањето зависно од потребите и намерата, да опстане и достоинствено да продолжи и понатаму да се бори. Тоа впрочем се случило и со оваа девојка.
Од мало, нежно и кревко девојче кое се претворило во повлечена, тивка девојка со разнишана самодоверба, таа еволуирала во самоуверена, храбра и на моменти доволно арогантна, па и во одредена мера дрска млада жена. Она што некако попатно го стекнала била увереноста дека кој било физички недостаток може да биде ставен под чевелот на интелигенцијата, богатиот вокабулар и остриот јазик. Оваа млада жена пред себе успешно го издигнала сопствениот Кинески ѕид, кој ѝ служел во одбрана од сите попреку упатени погледи, зајадливи коментари, загрижувачки погледи за визуелните недостатоци и слично. Сега гордо и самоуверено чекори низ животот, благодарна на сите оние чие присуство значело лекција во нејзиниот живот и покрај тоа што лекциите биле болни, но наученото – суштинско. Сега оваа млада жена никој и ништо не може да ја поколеба да го оствари тоа што го посакува, да се сака и почитува себеси без компромиси и со гордост да се носи со сите маани и недостатоци, не прикривајќи ги, туку напротив, истакнувајќи ги како свое препознатливо обележје“.
Останав занемена, а таа додаде: „Ирина, верувај, ова не е некаква современа верзија на приказната за грдото пајче. Ова е болна реалност со која се соочуваат многумина со кои се среќаваме, а на нивните лица нè пречекува, за жал, лажна, изнасилена насмевка под која царува стравот – стравот од себе, од надворешниот свет, стравот од тоа што носи утре, стравот од тоа кој сум, што сакам, дали можам… Од оваа гледна точка и од оваа временска дистанца имам само една сериозна забелешка. Никако не можам да ги сфатам родителите на оние деца кои упорно, па и во нивно присуство, свесно упатуваа навреди на моја сметка и на сметка на мојот надворешен изглед. Од оваа временска дистанца се прашувам – зарем родителите не се тие што треба да ги научат децата дека различностите треба да се почитуваат? Дека никој не смее да биде исмеван поради потребата од носење очила, на пример? Зарем и самите родители, па и овие деца не се по нешто различни од другите? Зарем физичките недостатоци треба да бидат пречка за развивање искрено и добронамерно пријателство? Можеби и самите овие родители се толку ограничени и без чувство за емпатија што не можат на сопствените деца да им ги пренесат најважните животни вредности! Родители, бидете внимателни, денеска вашите деца им се исмеваат на други – можеби со ваша изречна или премолчена дозвола, но утре може да бидете во обратната улога – повредени најдлабоко, до срцевината на вашето битие затоа што вашето дете ќе ги преџвакува навредите упатени на негова сметка. Едно ќе им посакам на оние што во одреден момент биле објект на подбив – бидете храбри! Утре е поубаво од вчера, а денес е незаборавно и бесценето!“
Се почувствував зашеметено! Не беше тоа приказна која буди сожалување, туку напротив, на оваа жена единствено што можам е да ѝ се восхитувам. Долго време по разговорот со неа, покрај прашањата што таа ги постави, мене едно прашање упорно ми се вртеше низ глава – дали, колку и зошто децата се злонамерни и колкава злонамерност може да поднесе едно искрено и кревко детско срце? Размислете… А јас за ова дополнително ќе го изнесам сопствениот став.
Пишува Ирина Микеска за „Деца.мк“
Comments are closed for this post.