На 18 март 2021година, со почеток во 12.00 часот во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, ќе се одржи честување на големиот македонски поет Анте Поповски. По повод 90 години од неговото раѓање беседа за неговото творештво ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, а стихови од неговата поезија  ќе рецитира актерката Јована Спасиќ.

Настанот ќе се одржи во спомен-собата на Миладиновци согласно пропишаните мерки за одржување културни настани.

Анте Поповски– поет,есеист, препејувач, публицист. Роден на 3 јуни 1931 година во с. Лазарополе. Починал на 1 октомври 2003 година во Скопје. Завршил медицински факултет во Скопје. Бил член на Извршниот совет на СР Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, потпретседател на републичката комисија за културни врски со странство (во СРМ), претседател на Друштвото на писателите на Македонија (два мандата), претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (два мандата). Член на МАНУ. Член на Македонскиот ПЕН центар.

Автор е на 15 поетски книги. Неговата поезија е преведаена на многу светски јазици и е добитник на наградите-„Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“, „Гоцевата повелба“ и на меѓународната награда “Premio Europa”.

 

Анте Поповски

 

Македонија

 

Еве ја таа проста земја од дволичен камен

и сонце

децата уште незадоени каде откопувааат

лобањи.

 

По градините.

Еве ја таа земја од пајажина и води

Мудро слободата кај што ги запишува селските

имиња.

 

Место икони по црквите

И каде летото како судбина

Трае до последниот востанат.

Еве ја таа проста земја од заморно дишење

и од молк

 

Низ која времето одминува и пак се враќа

Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на

македонски.

 

А никој не ја знае.

Во продолжение погледнете го видеото од учеството на Анте Поповски на Струшките вечери на поезијата во 1967 година и разговор со ликовниот уметник Петар Мазев, чии дела инспирирани од творештвото на Поповски и Влада Урошевиќ биле на изложба во рамките на манифестацијата.