Актуелни детски и младински филмови, дискусија, креативни работилници, проекции на кратки и анимирани филмови, проекции на нови остварувања од млади автори, средби со познати личности – сето ова ќе биде дел од програмата на 8.Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, што ќе се одржи од 25 до 30 септември. Најголемиот дел од програмата наменета за младите учесници ќе се одвива онлајн, а во вечерните часови ќе има и пет филмски проекции во живо.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 19 часот во Кинотеката на Македонија, со проекција на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“, кого Европската филмска академија го избра за најдобар филм за млада публика за 2020 година.

Темата на „Џифони Македонија 2020“ е Земја (Earth) како дел тригодишниот циклус  посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух), кој се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на матичниот фестивал „Џифони Експериенс“

Околу 300 ученици од основно и средно образование, на возраст од 11 до 19 години од Македонија и од 12 други земји ќе се дружат со помош на новата младинска дигитална платформа youth.mk, на која ќе се презентира богатата понуда на филмови и други содржини на фестивалoт и ќе им се овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн-настани и да имаат интерактивни средби со гостите.

-Младите со нетрпение го очекуваа дружењето, но моравме фестивалот да го одржиме онлајн. Добар дел од нашите џифонци првично ни изреагираа дека ќе им фали фестивалот во живо и дека веќе им се смачува сѐ да биде онлајн, меѓутоа ние сме позитивно изненадени од одѕивот. За да не биде сѐ онлајн, ќе имаме филм секоја вечер во летното кино на Кинотеката, во програмата „Џифони плус“. Ќе прикажеме филмови кои третираат важни теми за младите, а и ќе имаме прилика да излеземе од домовите и да уживаме во магијата на филмското платно. Се надеваме дека следната година ќе се вратиме во нормала. Нас нѐ радува што многу од младите-џифонци кои досега учествувале ќе ги имаме годинава како водачи на мастер-класови или модератори – вели Дарко Башески, директор на „Џифони Македонија“.

Создавањето на новата младинска дигитална платформа беше овозможено со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Платформата ќе овозможи фестивалот, со сите негови разновидни и интерактивни активности да се одржи онлајн, а по завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите љубители на филмската уметност и ќе биде место каде што ќе се објавуваат аудио-визулени креации на младите македонски и странски автори. Оваа идеја произлегува од сознанието дека бројни сегашни и поранешни учесници на „Џифони Македонија“ активно работат на создавање на аудио-визуелни содржини: анимирани и кратки филмови, долгометражни филмови, па дури и серии. Целта на „Џифони Македонија“ е да им понуди едно место каде ќе можат сите тие содржини да ги споделуваат со своите врсници и со пошироката публика.

Како и секогаш, „Џифони Македонија“ се одликува и со бројно меѓународно присуство. Оваа година над 50 странски учесници ќе ја следат програмата од своите домови, а некои од нив, како на пример, 15-мината учесници од Италија, ќе ја следат програмата од киносала во нивниот град Џифони.

Сите тие ќе бидат дел од програмата „Виртуелна гостопримливост“ преку кој се продолжува традицијата на гостопримство, овојпат – виртуелно. Сите гости од странство имаат по еден домаќин меѓу македонските учесници. Тие веќе се во контакт и се дружат онлајн, а некои од нив ќе сработат и заеднички проект.

Официјалната филмска програмата наменета на учесниците вклучува 12 долгометражни играни кои ќе се натпреваруваат во три категории, според возраста на младите учесници – членови на жирито: јуниори (од 6. до 9. одделение), кадети (1 и 2 година средно) и сениори (3 и 4 година средно).

Во уште четири натпреварувачки категории со 35 краткометражни филмови ќе се гласа и за најдобар краток филм, анимиран филм, како и за најдобар краток филм од млади автори – ученици или студенти.

-Светот се менува, но вредностите што ги промовираме се универзална категорија која не познава граници, ниту технологии. Тоа е љубов кон културата и филмот, почит и грижа за другите и за човековата средина, запознавање на различното, развивање на сопствена критична мисла. Нашите млади учесници знаат дека „Џифони“ е место каде што се раѓаат единствени другарства и големи идеи. Затоа, не ги насочуваме младите, ние им нудиме место, информации и алатки за тие да ги развијат сопствените идеи и да израсната во креативни, с+весни и одговорни возрасни луѓе, способни за големи дела во која било животна или професионална област, со еден збор – луѓе кои ќе можат да го подобрат светот – вели Деа Крстевска Тамборини, програмски директор на фестивалот. +

Нема да изостане едукативниот елемент – ќе бидат организирани осум креативни работилници што ќе се одвиваат во текот на петте дена, како и една еднодневна работилница за готвење наменета на најмладите. Сите работилници се водени од професионални предавачи, а ќе се одржуваат онлајн, преку интерактивна врска со сите учесници. Креациите и творбите кои ќе произлезат од работилниците ќе бидат прикажани на свеченото затворање и поставени на дигитална платформа.

Во попладневните часови ќе се одржат осум мастер-класови, на кои учесниците ќе бидат поврзани интерактивно, а притоа ќе се снимаат и ќе бидат емитувани во стриминг, достапни за поширока публика. На една од онлајн-средбите на учесниците ќе им се обрати Калудио Губитози, директор и основач на „Џифони Експириенс“, кој ќе зборува за педесетгодишниот јубилеј на овој најголеми филмски фестивал за млади во светот.

Од македонските гости ги издвојуваме младите режисери Леон Ристов, Ана Андонова, Сергеј Сарчевски и Мартин Чичовски, како и јутјуберот Стефонатор. Во средбата посветена на родовата еднаквост ќе бидат прикажани неколку епизоди од францускиот серијал „Бестрашни“ кој зборува за храбрите жени од светската историја. Една од сребите ќе биде посветена на документарните филмови од млади автори прикажани во рамките на „Докуникулци“.

Освен сите овие содржини кои ќе се одвиваат онлајн, овогодинешното издание предвидува и програма во живо, „Џифони Плус“, наменета за пошироката публика, која ќе се одвива секоја вечер од 19 часот во летното кино на Кинотеката на Македонија, во целосна согласност со протоколите за безбедност. Така, покрај филмот кој ќе се прикаже на свеченото отворање, програмата во отвореното кино предвидува уште четири филмски проекции на интересни филмовите говорат за адолесцентите, за односите меѓу родителите и децата и предизвиците со кои тие се соочуваат во тој деликатен период од животот.

Влезот на сите проекции е бесплатен, а билетите може да се резервираат со линк од веб страницата на „Џифони Македонија“ www.giffoni.mk еден ден пред проекцијата на секој филм. (https://filmfreeway.com/GiffoniMacedonia/tickets)

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – Џифони Експириенс, Министерството за култура и туризам на Италија Министерството за надворешни работи на Италија, , Амбасадата на Италија во Македонија и посебна благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка е керирана дигиталната младинска платформа YOUTH.MK.

Фестивалот е помогнат и од Институтот „Јунус Емре“, Францускиот институт, Кинотеката на С.Македонија, Младинскиот културен центар, а го помогнаа и спонзорите: „Пакомак“, „Фиат“, „Витаминка“, „Дивела“, ресторан „Џино“.

Медиумски поддржувачи на фестивалот се: МТВ, Сител, Радио МОФ, Слободен печат, Медиум, Visitskopje.mk, Екран, Куларт, Медиум, ТВ21, Јавност.