Во недела, на 18 април се одбележува Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, а темата е „Комплексно минато: разновидна иднина”. Целта на темата годинава е да се иницира дискусија и критичко испитување на минатото преку зачувувањето на културното наследство.

ИКОМОС сака да промовира нови дискурси, различни и нијансирани пристапи кон постојните историски наративи, поддржувајќи инклузивност. Тоа се, пред сè, осврти кон споменици и/или локалитети кои биле намерно разурнувани, споменици на опресија и угнетување, како и третманот на домородните населенија и нивното наследство, нагласувајќи ја повеќеслојноста на историјата и наследството и нивното различно значење за различни заедници, соопшти Националниот комитет – ИКОМОС Македонија.

ИКОМОС Македонија на 15 и 16 април, на своите страници на социјалните мрежи (Фејсбук, Линкдин, Твитер и Инстаграм) ќе спроведе интерактивна онлајн-анкета поврзана со глобалната тема, а резултатите ќе ги објави на 18 април.