Штом излезете од станицата на метрото што директно ве „лансира“ на главниот минхенски плоштад, Мариенплац, прво што ќе ве „нападне“ е грандиозното здание на Новата градска куќа (неоготско ремек-дело), по што не сакајќи, веднаш ви излетува едно „вау“. Меѓутоа, после неколку секунди, сфаќате дека на главниот баварски град ова му е можеби само туристичка стратегија, затоа што Минхен ниту е гласен, ниту наметлив туку, со своите тивки детали, полека ти се „пика под кожата“. Тоа е град во кој се будиш со звукот на трамвајот што мазно минува покрај старите фасади, а заспиваш под светлината на модерните стаклени згради што го обојуваат небото во различни нијанси.

Минхен е богат со историја. Не како музеј што стои затворен во себе, туку како ткиво кое постојано комуницира со секојдневниот живот. Стариот дел од градот, „Алтстад“ е како прошетка низ времето: калдрми, шарени куќи, Мариенплац со славниот часовник Глокеншпил и чувството дека си во книга што сама се пишува. Историјата не е само украс. Таа е дел од минхенскиот карактер. Традицијата е видлива во архитектурата, празниците и дури и во секојдневните навики како на пример, во семејните прошетки до Англиската градина (еден од најголемите градски паркови во Европа и изгледа како зелено срце што ги собира луѓето на едно место. Некои читаат книги под сенка, други трчаат, возат велосипед или едноставно одмораат покрај реката Исар, каде водата секогаш е студена и освежувачка), или во неделните посети на локалните пекари.

Името на плоштадот, Мариенплц е усвоено во 1854 година по епидемија на колера, што ја одразува посветеноста на градот на Дева Марија. Тоа е главниот плоштад во Минхен уште од средниот век, сведок на растот на градот од средновековен пазар до просперитетен културен и економски центар

Иако Минхен е длабоко вкоренет во традицијата, тој истовремено е динамичен и современ. Старите улици се поврзани со модерни деловни центри, технолошки кампуси, универзитети и креативни студија. Токму таа мешавина го прави градот интересен: можеш да најдеш мир и културна длабочина, но и брзо темпо, иновација и космополитска енергија.

Животот во Минхен е организиран, чист и структуриран. Нешто што на почеток може да изгледа строго, но брзо станува пријатно. Јавниот превоз е прецизен до минута, велосипедските патеки се уредени, а парковите се распоредени така што од секоја точка на градот можеш да стигнеш до зеленило за само неколку минути. Градот е посебен по тоа што природата не е на периферија, туку се чувствува во секој дел од дневниот ритам. Секој што ќе дојде во оваа европска метропола, треба да го види и Германскиот музеј, музејот Пинакотек, Алијанц арената, Олимпискиот парк, капијата Карлстор, дворецот Нимфенбург, зоолошката градина „Хелабрун“… И најубавото е што Алпите се толку блиску што викендот можеш да го минеш во планини, езера или мали баварски села, како да се дел од твојот личен двор.

Минхен е дом на луѓе од цел свет. Врие од Американци и Англичани како туристи. Како „ауслендери“, преполн е со Албанци, Срби, Македонци… Турците се веќе „Германци“, па продаваат и свински ребра и коленици, без проблем. Тој космополитски дух се гледа во јазиците, кујните, кафулињата и животните приказни кои се вкрстуваат низ градот. Иако баварската култура е силна и горда, Минхен успева да ја комбинира со отвореност и почит кон различноста. Тоа создава посебно чувство на припадност, дури и ако доаѓаш од далеку, лесно можеш да си најдеш свое место. Едноставно, не се чувствуваш залутано.

Зборот Минхен буквално значи монах. Името потекнува од монасите во Бенедиктанскиот ред, кои и го основале градот, а тоа е и причината поради која на грбот на Минхен има монах. Црно и златно се боите на Светото Римско Царство и тие се и официјалните бои на градот уште од времето на кралот Лудвиг Четврти. Во него живеат околу 1 400 000 жители

Овој град е мирен, но не и бавен; динамичен, но не и хаотичен. Луѓето го ценат балансот: работа, образование, спорт, дружење, природа. Секојдневието е исполнето со мали ритуали: утринско кафе во локална пекарница, еден брз воз со У-Бан, попладневна прошетка покрај реката или средба со пријатели во некоја Биергартен кога временските услови се идеални. Тие моменти го прават животот тука смирен, структуриран и човечки. Минхен не се обидува да те импресионира со наметливо гламурозни слики, туку со искреност и стабилност. Тоа е место каде традицијата и современиот живот стојат рамо до рамо, каде зеленилото и технологијата се во хармонија, и каде секој може да си најде свој ритам. Луѓето во Минхен имаат посебен стил, комбинација од традиционална баварска смиреност и современа, европска динамика. Тие сакаат ред, прецизност и организираност, но во исто време го ценат релаксираниот, удобен живот.

Минхенците се пријатни, но резервирани и дистанцирани. Ниту премногу гласни или наметливи. Многу почитуваат приватност. Нема да ве распрашуваат за лични работи и го очекуваат истото и од вас. Впрочем, како и сите Баварци. Велат дека пријателствата не ги создаваат преку ноќ, но кога една врска ќе се формира, таа обично е стабилна, искрена и долгорочна. Каков што е и баварскиот дух. Жителите се грижат за јавниот простор, за чистотата (ако и видите некаде отпад, тоа обично се неколку отпушоци и редовно, капачиња од пивски шишиња секако, оставени од туристите. Меѓутоа, тоа комуналните градски служби го отстрануваат уште пред пет часот следното утро), за општото добро, што го прави градот безбеден, уреден и пријатен за престој во него. Многу се точни. Јавниот превоз, работата, состаноците… доаѓањето на време е голема работа таму.

Денот на повеќето минхенци започнува едноставно: со мирис на свежо кафе од локалната пекарница и баварски бретцел (перек). Пекарите се отвораат рано, а утринската тишина благо ја реметат луѓе што одат на работа, студенти што брзаат кон трамвајот и велосипедисти што ги преполнуваат уредените патеки. Впрочем, велосипедот е исто толку вообичаено превозно средство како и У-Бан или С-Бан, а јавниот превоз, познат по својата прецизност, е составен дел од овдешниот живот. Замислете, постои изрека „доцниш како германска железница“, а возовите, ако и доцнат, доцнат не повеќе од 30 секунди. Секунди. Триесет. Инаку, 22 евра е возењето за еден ден или 24 часови, со сите можни превозни средства, се до Цирих, а контролори нема ни на повидок. Во баварската престолнина постојано нешто се реновира, поправа, гради, но никаков застој во циркулацијата на секојдневието на неговите граѓани не се случува. Се функционира и покрај крановите и работниците, беспрекорно.

Во декември, овој град кој е еден од најбогатите во Германија, буквално се претвора во бајка. Како некој да го притиснал копчето за „светкава магија“. Улиците се полни со светилки, дрвени колипки и мирис на цимет, печени бадеми и топло вино. Новогодишните базари се еден од најубавите моменти од зимата во Баварија и нешто што секој жител и посетител мора да ги види.

Обелискот во Минхен се наоѓа на Каролиненплац и е еден од најинтересните споменици во градот бидејќи е директно инспириран од антички египетски обелисци. Изграден е во 1833 година од бронза, со висина од околу 30 метри, воспомен на 30 000 баварски војници кои загинале во походот на Наполеон кон Русија (1812-та)

Меѓутоа, Минхен е и скап. Ланците на супермаркети и дрогерии се со исти цени низ цела Германија, но се друго е многу поскапо. Уличната или брза храна (особено за празниците, како Октоберфест и Божикните базари), како и на секое друго место, останува „најефтина“. Па така, братвурст (баварски колбас, мала порција т.е. за мезе со чаша пиво или вино), чини шест-седум-осум евра на тезга, пица парче е околу три евра, еспресо кафе за носење – 2,5 евра, вода од 0.5 л (иако, баварската вода од чешма е технички исправна и мое да се пие), чини до две евра, пиво на улица од 0,5 л. е четири евра, греано вино (со цимет и портокал, сосе чашата како сувенир), ќе го платите над седум евра, слатките (лебкуцхен – медени колачи со цимет, срца, ѕвезди и шарени украси,  карамелизирани бадеми, пирошки, крем-палачинки…), се од осум евра па нагоре, а „полуксузните“ слатки и од 13 евра, па нагоре (за парче).

Хамбургер со помфрит и милкшејк ќе го платите 21 евро. Што ќе рече, за дневно јадење и пијалок на базар сметајте дека ќе потрошите околу триесет евра од човек, за лесен ароматичен оброк со пијалак. (Гардеробата, обувките, куќните апарати… се скапи и за Германците надвор од Минхен.)

На предновогодишниите базари (а ги има на секој и малку слободен простор во Минхен), малите божиќни украси чинат  од десет евра и нагоре, зависно од големината и рачната изработка. А речиси се е рачна изработка. Поголемите сувенири (како дрвени фигури, рачни свеќи, играчки), се од 30 до 60 евра, а некои уникати може да бидат и над сто евра. Како и во специјализираната продавница на фудбалскиот клуб „Баерн Минхен“ каде што дрес-маичката чинеше сто евра, а шорцот 75 евра. Паркингот е минимум три евра за еден час. „Магнетче за на фрижидер“, нема поефтино од пет евра.

Покрај храната, има и многу други активности: изработка на свеќи, мали работилници за деца, свирачи, танчери и улични артисти коишто ја дополнуваат празничната атмосфера. Има многу уметници на отворено, меѓу нив и музичари, па неретко ќе чуете и познати звуци од Балканот, како и македонски, изведувани (и) од Германци. И никој не се дере. Ако и чуете дека некој повишува тон, бидете сигурни дека е од нашите краеви или, подолу.

Штандовите се оградени со бетонски столбчиња (поради поранешните забивања со автомобили во толпите граѓани од страна на исламистички терористички организации, а полиција има на секој чекор. Полицајците – и мажи и жени- се високи, стројни, убави и во уште поубави униформи. Не ве плашат, туку набљудуваат, влеваат безбедност).

Фрауенкирхе, или Катедралата на Пресвета Богородица, е еден од симболите на Минхен. Препознатлива е по своите две високи кули со зелени куполи. Изградена е во 15 век и претставува важен религиозен и историски споменик

Со сето ова, секојдневниот живот во Минхен може да се опише како комбинација од ред, тишина и динамика: наизглед контрадикторни елементи што тука сосема природно коегзистираат. Граѓаните на Минхен создаваат средина во која човек може истовремено да биде дел од голем, непознат град и да се чувствува како да му припаѓа на истиот.

На крај, можеби најважната карактеристика на Минхен е неговата отвореност. Градот привлекува луѓе од цел свет: студенти, работници, уметници, патници… Различните култури, јазици и стилови на живот се спојуваат во еден хармоничен мозаик. Иако баварската традиција е силна, таа не ги спречува новите жители да се чувствуваат добредојдени.

MIA