Администрацијата на Трамп веднаш по изборот покажа дека за нив САД се премал залак, и дека сакаат својот вид на десничарска револуција да го пренесат низ целиот свет. Но, првичните резултати им беа поразителни.
Трамп лично, со неговите навреди и провокации, успеа да направи од готово – вересија на изборите во Канада, каде огромното водство на десничарската партија на Пјер Полиевр се стопи кога левицата го смени лидерот и започна кампања во која ја поврзуваше десницата со Трамп. Канада сега е осудена на барем уште три години неконтролирана миграција и имитирање на европскиот модел наместо на приклучување на Трамп-американскиот модел.
Најистакнатите членови на владата на Трамп си поделија сфери на интерес. Државниот секретар Марко Рубио, како Кубано-Американец, нормално ќе се занимава со извоз на десничарската револуција во Јужна и Средна Америка, додека потпретседателот Џеј Ди Венс својот мандат го почна со огнениот говор во Минхен во кој ги повика европските држави да кренат рачка по прашањето на миграцијата, а првично имаше и силна иницијатива да се запре војната во Украина, на што европските држави (под силно влијание на американските политичари од тимот на Клинтон-Обама-Бајден пружија силен отпор). Под знак на прашање е дали Вашингтон сака Европа да позајми и други политики од Трамп – на пример посериозно да се реиндустријализира и да развиваат сопствени извори на енергенси – или пак САД претпочитаат Европа да остане зависна на овој план. Но, за миграцијата и заштитата на европските национални држави, САД даваат целосна поддршка. Резултатите на Џеј Ди беа прилично слаби.
Тој, и Илон Маск, отворено ги повикаа Германците на изборите во 2025 година да гласаат не за старата и безлична божем конзервативна партија ЦДУ-ЦСУ, туку за десничарите од АфД. Критичарите на Трамп, Венс и Маск посочија дека бројките на АфД како да почнаа да паѓаат по изразот на поддршка од Вашингтон, и партијата имаше солиден резултат, но не беше ни блиску до победа на изборите – Германија доби вообичаена широка коалициска влада на ЦДУ-ЦСУ-СПД со која продолжува неконтролираната миграција и финансирањето на војната. Венс претрпе уште подиректен пораз годинава, кога лично одлета за Будимпешта да го поддржи основоположникот на модерната европска десница Виктор Орбан на изборите кои завршија со тежок пораз за Фидес. Згора на се, на Трамп му се заканува сериозен пораз на изборите за Конгресот во ноември – не дека неговите републиканци постигнаа нешто со сегашната контрола на Конгресот, но губење на еден или двата дома може тешко да ја ослабат неговата позиција. Накусо, освен помали победи како на пример во Словенија, Чешка и претседателските избори во Полска (па и Македонија која гласаше малку пред враќањето на Трамп), десницата беше во дефанзива во првите години на неговиот мандат.
Но, додека сите очи беа свртени кон Европа, доктрината Монро (Донро) според која САД првин мора да се позанимаваат со своето соседство, проработе во полн ек. Под координација на Рубио, цела Јужна Америка се престрои во десно – Чиле, Хондурас и Колумбија добија турбо-Трамповски кандидати, додека Перу, Панама и Еквадор исто така се свртеа во десно. Трамп и Рубио сметаат на силна поддршка од Ел Салвадор и Аргентина во оваа кампања, а деновиве чекаме да видиме дали прогонуваната династија Болсонаро ќе се врати на власт во Бразил и ќе го круниса ова свртување на целиот континент. Секако, најдраматичен чекор беше интервенцијата на САД во Венецуела, грабнувањето на претседателот Мадуро и инсталирање на неговата заменичка како американски послушник.
Никарагва е веројатно следната за таква интервенција, а конечниот удар на Рубио се очекува да биде некаков договор (или можеби интервенција) во Куба, со што конечно би се ставил крај на Студената Војна во овој дел од светот. Од Вашингтон честопати посочуваат дека овие спектакуларни резултати немаше да се случат ако се уште продолжеше пропагандната работа на УСАИД, која, како и кај нас, отворено се мешаше во изборите низ Јужна и Средна Америка во времето на Клинтон, Обама и Бајден.
Сечењето на пипалата на овој октопод, отсуството на директен американски притисок во полза на левите партии и поддршката од Трамп за десните движења (некогаш контрапродуктивна или трапава) сепак почна да се чувствува и на други меридијани и да дава интересни резултати. Секако, резултатите се најмногу производ на целосната банкротираност на левицата и нејзината на политика на демографски промени, неконтролирана миграција, растурање на семејството, традиционалните вредности и тоа што останало од индустријата. Трамп прогласи победи во помали земји како Ерменија, претрпе пораз во Романија и Австралија, но анкетите таму за кратко време целосно се свртеа, па дури и во една Албанија гледаме како Еди Рама се корне од побратимот Алекс Сорос и бара приклучок кон Трамп.
На Европа во 2027 година и претстои изборен суперциклус, со гласања во низа важни држави, кој може целосно да ја трансформира политичката мапа на Континентот. Најважни се изборите во Франција, каде на граѓаните очигледно конечно им прекипе и се подготвени да и дадат шанси на Марин Ле Пен. По овие избори, Европа веќе нема да може да игнорира десничарски влади (како Унгарија или Австрија) или да ги компромитира и ублажува (како Мелони во Италија и Вилдерс во Холандија). Франција е едноставно преголема за да биде игнорирана нејзината волја.
Истовремено, од трите големи држави во кои се очекува свртување кон десно – Франција, Британија и Германија, одеднаш изгледа дека државата за која најмалку се очекуваше дека може да избере суверенистичка десница, сега се подготвува да ја следи Франција. Темите на национален идентитет и суверенитет во Германија се, разбирливо, потиснувани со децении, а политичкиот модел содржи сериозни пречки за изборот на десничарски партии.
Но, неконтролираната миграција веќе не може да се игнорира како проблем дури и во Германија, и секојдневната реалност ги тера граѓаните да се спротистават на децениската догма. Како што велат, Германија не прави мали грешки, и јавноста веќе е убедена дека политиките од последните неколку децении – особено Меркеловото отворање на границите за Блискиот Исток и Авганистан – било голема грешка која мора да се исправи. АфД веќе убедливо води во анкетите, и е силна како двете „големи центристички“ партии, ЦДУ и СПД, собрани заедно. Одеднаш изгледа дека повикот на Венс од Минхен, кој беше исмеван од „центристичките“ „либерални“ коментатори сепак имал сериозен одек во Европа. Ефектите од политиката на Вашингтон доаѓаат според поговорката – полека, полека, па потоа насекаде одеднаш.
Македонија во оваа ситуација е правилно позиционирана, како држава која претрпе многу поради следење на експерименталните политики и идеи, поради што имаме сериозно нарушен суверенитет и испроблемаитизиран идентитет. Македонија со десна Влада може да биде сосем комотна во светот предводен од Трамп и сродно мислечките европски политичари. Останува да се види проследи претстојната посета на премиерот Мицкоски на САД за да се види која конкретна улога може да ја имаме во возбудливите месеци и години што претстојат.







Comments are closed for this post.