Претпоставувам дека на некои од читателите ќе им биде позната следната шега, но ова е мојата верзија. Истата вели дека еден Германец сам по себе не претставува ништо, но двајца и повеќе Германци прават армија. Еден Французин сам по себе е ништо, но двајца и повеќе Французи прават нација. А додека еден северномакедонец претставува цела вселена, а двајца и повеќе северномакедонци прават ништо. Е таква беше ситуацијата на премиерот, министерот за надворешни работи и заменик претседателот на владата за европски прашања на средбата со германската канцеларка кога тројцата северномакедонци беа да просат кај фрау Меркел за датум за отпочнување на преговори со ЕУ.
Вселената, човечката глупост и болните амбиции по се изгледа дека немаат граници. Амбицијата на Премиерот да биде и премиер и министер за финансии е само уште една од многуте глупости и лудости на оваа власт. Се продолжува со истиот стил на игра ако помине, помине, ако не, не. А потоа следи и стандартното оправдување дека власта ние ги слуша граѓаните. Исто така, сега после реконструкцијата во новиот состав на владата има министри кои не се занимаваат со граѓаните. Таков е случајот со досегашниот министер за животна средина и просторно планирање. Тоа е само уште еден показател дека оваа власт дека нема ама апсолутно никаков слух за граѓаните. Сега како министер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците досегашниот министер за животна средина од редовите на интегративците, дури сега воопшто нема да се занимава со граѓаните. Во неговата политичка кариера единствено е способен за да скокна од една на друга државна позиција. А единствено за што го бива човекот е да затвора вентили. Тоа му е најголемото достигнување во неговата кариера.
Како од претходниот состав на владата, така и од оваа реконструиранава може само да очекуваме скандали, непотизам и корупција. Скандалите за нив се како сенка што ги прати, едно кажуваат, па после се премислуваат. Пу, пу не важи е стил на работа на оваа влада. Изјавите од таков тип се својствени за оваа власт. Таква беше последната изјава на министерот за здравство дека промена на пол ќе се финансира од државната каса, а дури потоа од Министерството за здравство тоа го негираа. Можеби најдобро ќе биде на сите владини министри да им се смени мозок со надеж дека можеби навистина ќе ги послушаат граѓаните на оваа држава и ќе почнат да работат во нивни интерес.
После реконструкцијата на владата не очекувам дека власта ќе работи поразлично од претходно, а напротив ќе продолжат во истиот стил, дури и полошо. Вистина е дека се менуваат, но менуваат се и по секоја цена кон полошо. Сменаа име, сменаа идентитет, менуваат историја. Не знаат, не умеат, не се способни. Знаат само за корупција, непотизам и скандали. И за на крај, дискутирајќи за вселената и човечката глупост (како таа на оваа власт), Ајнштајн го дал најдобриот цитат дека и двете работи се бесконечни – и вселената и човечката глупост, но дека за првата се уште имал сомнеж. Премиерот се замислува дека е цела вселена и дека може се, но вистината е дека заедно со новите владини министри нема да направат апсолутно ништо подобро од претходно за граѓаните.
Comments are closed for this post.