Ги ситниме последните часови на 2018 г., која беше тешка за повеќето од нас, загубивме значајни луѓе, саканите, го загубивме спокојот, љубовта, правдата! Во пресрет на Новата година и Божиќ во светот постојат многу различни обичаи кои се изведуваат. Еве, еден многу убав обичај од европскиот Север! За време на Божиќната вечер,луѓето во Исланд си подаруваат едни на други книги и потоа ја поминуваат ноќта читајќи ги книгите и јадејќи чоколадо. Оваа традиција довела до создавање на зборот „Јолабокафлод (Jolabokaflod)“, што во превод значи Божиќна книжна поплава. Во подготовките за Божиќното подарување, среднвековните Саги (што претставуваат значајно културно наследство) се најчитана литературана форма во Исланд.
Најверојатно оваа традиција го инспирирала тимот на нашиот премиер да создаде крајно неинвентивна и неавтентична приказна на заедничко читање на сказната „Писмо од Фантазија“.Според сказната, која премиерот ја сподели неодамна со некои ученици, „претседателот на Република Фантазија“ во писмо упатено до децата, пишува дека е многу загрижен за неговата земја, која е пред сериозна закана да исчезне. Во писмото (сказна) пишува дека децата можат да ја запрат оваа опасност читајќи повеќе и подарувајќи книги за нова година и на тој начин би ги спасиле јунаците од земјата Фантазија итн. Но, во Исланд, читањето е задоволство и традиција, за што говори една нивна поговорка: „подобро е да сте без чевли, одошто без книга“!
Ова наравоучение во нашето општество, било тоа, како што вели премиерот и „едно единствено за сите“нема резонанса! Кај нас за чевлите се работи! Тоа е така, затоа што вредносниот систем што треба нè прави совесни, достоинствени, посветени, родољубиви, човечни, морални, чесни и воспитани е целосно урнисан! ЛОШОТО од секаков вид е во зенит на вредносниот систем! Политиката и декденцијата се најдоходовните дејности! Нашата Република, а и Фантазија, може да ја спаси само ОНОЈ, ОНАА или ОНИЕ чиј вредносен систем почива на автентична мисла, идеја, дејствие и постапка! Вредносен систем кој предупредува и поучува, советува, укорува иказнува, кој ги отфрла сите недоразбирања и поделби, зла, несреќи и неправди! На злото да му кажеме дека е зло, на неработливоста, на простаклукот и на ароганцијата од највисок ред во државата, на предавството и на измамата, на некадарноста и на бесрамноста, да им кажеме дека се безвредни и срамни!
Тогаш, само тогаш, луѓето – земјоделци, селани, сточари, работници, образовани и посветени во работата ќе имаат предизвик пред себе – ЖИВОТ, а не да преживеат! Ете тогаш сите ние трудољупци, родољупци и правдољупци, ќе можеме со нашите заработени средства, а не украдени или незаслужени или на наместен тендер добиени или на хохштаплерски начин приграбени, ќе можеме да бидеме многу повеќе време заедно со своето семејство и децата! Ќе читаме заедно и ќе портретираме богати и невидени светови, ќе подаруваме убавини и ќе создаваме нови вредности! Ние родителите, пред сè треба да се спасиме себеси, а потоа нашите деца да ја спасат Република Фантазија! Да се облагородиме најпрвин себеси, а потоа и другите! Затоа на крајов ќе ве поздравам со една стара и позната мудрост: „за Нова Година ви посакам… да ви се врати она што сте го изгубиле… да го сочувате она што го имамте… и да ви се оствари она што го сакате!
Среќна и благодатна 2019 година!
Comments are closed for this post.