По што ќе ја паметиме годината што изминува? Што се ни донесе 2018-та? Имавме поделби меѓу народот, неуспешен референдум за промена на уставното име на државата, бојкотирање против уставните измени, бегство на бившиот премиер, апсења, па наводно некакво си помирување преку амнестија и тргување со правдата. Но, најмногу од се изгледа дека 2018-та најмногу ќе ја паметиме по бескрупулозноста на оваа власт по секоја цена да го спроведе договорот од Преспа за промена на уставното име на државата.

Започнаа со ветување за живот и розова иднина, но испадна сива и загадена година и така се најдовме скоро на дното по бедност во Европа. За секој еден потег власта започнуваше со „за тоа ќе има дебата“ и тоа беше најчесто повторуваниот збор на власта. А зад превезот на дебатата се правеа нетранспарентни договори, се играа задкулисни игри и се тргуваше со правдата.

Власта во оваа 2018-та како да се обиде да инсталира пробна верзија на демократијата со европски шмек, само што на оваа верзија и истекува пробниот период и време е за нова подобра верзија. Се надевам дека во новата 2019 година и во иднина нема да бираме политичари и лидери, коишто расудуваат преку стомакот и мислат само за својот џеб. Видовме дека кај нас со правдата може да се пазари, дека законите може да се наштимаат според политичките интереси, нешто што и деновиве се случува. Се штима кривичниот законик според потребите на власта за купување на поголемо мнозинство и поддржка за уставните измени и промена на уставното име. Видовме дека оваа власт гледа само да ќари од секој свој потег, тендер, акција. Видовме дека воопшто не мислат на националните интереси, туку само на личните интереси. Дури некои од нив искрено признаа дека не се занимаваат со народот и рекоа дека сме нација со комплекси. Е навистина се лоши и проклети луѓе.

Можеби ги живееме последните денови како сведоци на Република Медонија, бидејќи во новата 2019 година не очекува нова политичка реалност и нова држава. И така е дуир повеќе од јасно дека странците до крај ќе си го истераат својот геостратешки интерес за овој простор да биде дел од ЕУ и НАТО. И тоа ќе го направат по секоја цена. Нам ни останува да одлучиме во каква држава сакаме да живееме и какви политички лидери ќе избереме да не водат во иднина.

И ајде веќе еднаш да ја завршиме оваа вечна транзиција, да затвориме едно поглавје од тоа. Се загубиме во транзицијата. Ајде во новата 2019 година да дадеме шанса на добрите работи и да ја направиме нашата држава поубаво место за живеење за нас и за следните генерации. Со надеж дека ќе бидеме мудри да избереме лидери што ќе работат на подобро утре и на подобрување на државата, а нема да трчаат само по власт и за свои лични интереси и придобивки. Ако и во иднина продолжиме со ова пасивно темпо и начин на живот државата ќе се испразни уште повеќе. Младите сакаат да живеат во добра држава со квалитетно образование, здравство, економија, а не во криза и проблеми.