Кога бев младо момче се пееше еден од најголемите хитови во тоа време:
„Има една мома многу убава, сиот град ја знае цела Битола…“
Но, од искон: Има една древна вистина, сиот свет ја знае, цела Европа, име и е МАКЕДОНИЈА.
Тој сиот трудољубив, слободољубив и демократски свет постојано ја зборува вистината за оваа Убавица, но за жал, глувите слушатели и слепите кои при очи не прогледале измислуваат лаги, наспроти чесните авторитети кои на тие лаги одговараат со кажување на вистината.
За жал лагата и вистината се сестри еднојајчани близначки и тешко се распознаваат.
За оние кои лажат таа е вистина, а додека вистината за лажговците е лага.
За среќа, од друга страна лагата е со кус век на траење, а вистината е вечна и секогаш ја победува лагата и во таа вечна борба е победник.
Се прашувам !? На кого му треба ГОЛЕМАТА ЛАГА и кому му користи?
Името свето ли е? Народот вреден скапоцен Богољубив ли е?
Безвремените подароци галантно трансформирани од автентични, тукашни, и свои подарени на човештвото, космополитски ли е?
Духовноста, писменоста, народната мудрост, фрескописанието, копаничарството, градителството, литературата, ли е?
Вечната и совршена интеграција на сево ова заедно со природните убавини, бистри реки, сини езера, плодни рамнини, прекрасни висорамнини, високи планини, длабоки клисури, ендемски суштества, чист воздух и пречиста вера во ГОСПОД што по сопствена желба вака преубаво го скроил, за да сé заедно биде вечна инспирација и безвремено творештво, но и цврсто изградени човечки карактери со лик и дело како СОЗДАТЕЛОТ да ГО прославуваат на земјата, ли е?
Старата дама, ренесансно обновена со длабоко внедрена во себе вистина на Волтер, Расин, Гете, Достоевски и други грамади од луѓе гении, намерно ја заобиколуваат вистината за нас, притоа заборавајќи ги вредностите на кои почива врвот со години ни од блиску допрен и љубоморно чуван за себе од другите, ли е?
Или можеби сето ова заедно во едно цело ли е?
Тоа е!
Инаку како да ѝ објаснам на оваа моја збунета глава, каде ли ви згрешивме!? Знам никаде.
Зошто тогаш повторно нé фрлате во устите на модерните “човекојадци“ да нé изедат духовно по секоја цена, да го затрат нашето исконско семе, да избришат цивилизациски придобивки, да прегазат чест и гордост, да направат од нас еволуирани за под јарем ставени на врат што ќе се движиме, натаму на каде што ќе нé подбуцнат со големиот стап во нивните блудни раце.
Пак ли двете МАЌЕИ злобни до срце, со неопислив гнев и омраза кон преубавата МОМА ќе ја мажат за либето кое не го сака. Ќе ја мажите ли во вторник.
Во мојот древен Охрид обичај беше кога се правеше свадба без љубов и доброволност, место во светиот ден недела, се правеше во вторник, за да не се повтори и нанесува изгор на душата и срцето, во иднина.
Како двете маќеи ќе ја продаваат МОМАТА пак, по којзнае пат, кога е таа мајка на сите мајки, и никогаш немала работа со зли маќеи.
Мајка е на сите мајки, нејзината добрина е прави вечно МОМА, никогаш и од никого недопрена, без брчки старечки, горда исправена со чекор како самовила, истовремено чедна и храбра да не ја игра играта на двете маќеи.
Двете маќеи кои насилно и го одзедоа дел од невестинскиот мираз, приќе, што со илјадници години го ткаеше и чуваше за својата ЉУБОВ.
Се здруживте двете лоши маќеи и последниот останат дел од миразот да го грабнете, а невестата ја фрлете во бездната на очајот и тага.
МОМАТА не се дава на вашата расипана волја. МОМАТА секогаш во мислите ја има желбата да си го врати сиот мираз со кој двете маќеи се китат а не е нивни.
Наскоро МОМАТА ќе биде најубавата, најправедна и најсреќна НЕВЕСТА со сиот мираз вратен назад за да го подари од срце на ЉУБЕНИОТ.
Comments are closed for this post.