Предупредувањата дека ЕУ-интегративниот процес на С.Македонија ќе оди споро без оглед на решавањето на спорот за името беа навремени. Познавачи на состојбите (во Унијата) и на меѓународните констелации, но и опозициски политичари – укажувавме Владата да биде внимателна, да не ги користи интеграциите како штит на кампањата за ланскиот референдум и да се посвети на економијата и владеењето на правото паралелно со надворешната политика. Стана јасно и дека ако лани фокусот беше решавање на спорот Атина-Скопје за деблокадата на членството на РСМ во НАТО, во 2019 фокусот е релацијата Белград-Приштина, каде без САД нема да има решение. А останатото е оставено за подоцна, откако ЕУ ќе се (ре)дефинира, своите механизми, потреби и цели, за да се прошири со комплементарните на новите поставености.
Затоа, од понеделникот наваму се излишни два типа на утехи. Првата е онаа што Владата сака да (си) ја пружи – дека нема одложување на ЕУ-интеграцијата на С.Македонија (и З.Балкан). Не, отсуството на (разговор во Берлин за) датум за преговори е само формален вовед во фактичкиот заклучок „заборавете на (јуни) 2019“.
„Крокодилските солзи“ на хан-могеринските апаратчици само покажуваат дека оваа политички балканизирана бриселска камарила веќе „мие раце“ од поттурнувањето на страна на З.Балкан и Македонија. Всушност, од сопствената поддршка на елити за кои членството во ЕУ не е потреба на нацијата, туку материјализација на владеењето. Во очекување на Европски Парламент што ќе биде уште поненаклонет на темата и ќе произведе таква Комисија… Затоа, вознемирени се политичарите и дипломатите, а не и граѓаните кои ова инстинктивно го очекуваа, па владината реторика не е ништо повеќе од одложување на политичката одговорност дома и обид за спас на неколку владини политички кариери – од Заев, преку Димитров, до Османи.
Вториот вид обиди за утеха дека „септември е новиот јуни“ ги прават провладините медиумски орбитери. Тие знаат дека остануваат „изложени“ осамено да санираат штети што и самите, со некритичко одработување ги создаваа заедно со нивните бизнис-полит-дипломатски спонзори. Џес-пломповските „инфлуенсери“ сега ќе мора да се ресетираат врз основа на реалноста што не сакаа да ја признаат уште во 2016. И тогаш и сега ние сакавме ресетирање на системот за функционализирање на државата, а тие сакаа ресет на државата за зачувување на привилегиите на системските миленици.
По фактичкото одложување на датумот за преговори (на неодредено) „лижењето на раните“ е само рефлекс на санација на партиските позиции и личните рејтинзи – премалку и предоцна. Сега е потребен антибиотски третман на општествените рани за спречување на „системска сепса“.
Но, бидејќи во неуспехот на нацијата нема храна за политичкото его, сега е битно да се соочиме со фактичката состојба, а лоцирањето на политичката одговорност е само паралелен процес во ваквото соочување.
Тоа укажува и дека досегашното разногласие кон проширувањето на Унијата беше неоправдано потценето од нашата власт, која охрабрена од бирократскиот оптимизам на евро-комесарите за надворешна политика и за проширување во заминување – „спиеше на увото“ на Брисел, но ги заборави Париз, Хаг, Копенхаген… па и Берлин.
Секако, оние што тука би сакале причините за непроширувањето да ги бараат само во овие метрополи се еднакво некритични како и оние што би сакале да си ја смират политичката совест гледајќи на З.Балкан и натаму како на европски „Див Запад“.
Предупредувањето на Хојт Ји, пак, беше навремен аларм дека и во САД има свесност дека З.Балкан и С.Македонија можат да бидат стабилизирани и во Унијата само доколку политиката на САД и ЕУ за регионот е заедничка. Најавата дека 2024/5 е преотимистичка година за членство на овие земји во ЕУ доби на тежина само три дена откако беше дадена. Дефиницијата дека (парафразирано) „земјите од З.Балкан глумат реформи, а ЕУ глуми дека глумата им е успешна“, покажа колку САД се свесни дека реторичкото реформирање и фактичкото корумпирање на политиката создава само клепто-политички елити што на крај нашиве имитации од држави ги прави извор на нестабилност и меки точки за пенетрација на Русија и особено на Кина во регионот.
Ставот на Ји навестува и една позитивна димензија – дека З.Балкан и С.Македонија во него повторно треба бидат дел од поголемото внимание на Америка. Впрочем, решенијата во овој дел од Европа беа постигнувани кога токму функционираше формулата „САД ваљак + ЕУ асфалт = прозападна магистрала на стабилен (З.)Балкан“.
Многумина, еве, добија одговор на прашањето што ми значеше дефиницијата „без оглед на исходот на претседателските избори, по нив во С.Македонија неминовно ќе се создаде нова политичка динамика“. Берлин ја иницираше. По игнорирањето на сите предупредувања и предлози од 2014 и 2016, бидејќи се бараше само полесниот пат – со непријатната вистина мораше да се соочиме на потешкиот начин.
Затоа на пр., успешноста на претседателските избори ги тангира само политичарите и дипломатите, но не и за граѓаните. Нивен национален интерес е С.Македонија да изнедри политичари, институции и политики. Од тоа зависи дали државата ќе биде партнер во ЕУ и НАТО подготвен за предизвиците на следните децении или Македонија за ЕУ и НАТО ќе остане предизвик со географска одредница.
Бидејќи политиките/политичарите од власта потфрлија, а оние на опозицијата засега се недоволно јасни или делумно оптеретени со блиското минато, ако состојбата продолжи, напорите наскоро ќе мора да им бидат заеднички – по формат и институционалност. Препорачливо би било пред следните избори, какви и да бидат.
Comments are closed for this post.