Електричен тротинет од денеска не смеат да управуваат малолетни лица, согласно новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Од денеска, со ова превозно средство ќе смее да управува само лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години. На велосипедските патеки и ленти максималната дозволена брзина е 20 километри на час, а на тротоари, пешачки и мешани патеки останува ограничувањето од 6 километри на час.

Со измените се забранува превезување на друго лице, а во случај на прекршување на ова правило ќе бидат казнети и возачот и патникот.

Носењето кацига отсега е задолжително за сите возачи, а и понатаму останува обврската за користење рефлектирачки елек при ноќно возење или во услови на намалена видливост.