Вчерашното апсење на Ацо Боцевски викан Циганот во Грција ја потсети јавноста на луѓето од подземјето кои беа активни во деведесеттите и почетокот на новиот век. Дел од нив беа блиски до тогашната гарнитура на СДСМ а нивните убиства и до денеска се мистерија.

Во екот на воениот конфликт во 2001 година, на 11 јули Скопје го разбуди веста за убиството на Марјан Тушевски – Боксер и Кире Јанев. Тушевски тогаш имаше 37 години. Беа убиени пред кафулето “Панта реи” во близина на кафе барот “Витраж”, пред полноќ на платото меѓу зградите на улица Атинска во населбата Тафталиџе.Тушевски во криминалните кругови бил познат по рекет на бизнисмени и дуќани. Негов терен бил тогаш популарниот трговски центар „Беверли Хилс“.

На убиството на Тушевски и Јанев имало и очевидци. Според тогашните пишувања убијците прво пукале во нозете на Тушевски, тој молел да не го убијат, но еден од убијците му го ставил пиштолот во устата и истрелал еден куршум.

Втората жртва, Јанев почнал да бега, но убијците го стасале кога се обидувал да се прекачи преку оградата од подземните гаражи. Пукале во неговиот тил. Од осамостојувањето на Македонија, Марјан Тушевски беше првиот обвинет за кривично дело изнуда.