Апелациониот суд во Штип соопшти дека ги завршил постапките по жалбите поднесени на решенијата за притвор донесени во врска со трагичниот пожар што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица.

Од вкупно осум решени предмети, во седум случаи жалбите се одбиени како неосновани, со што се потврдени решенијата донесени од Основниот суд во Кочани.

Само во еден случај, Апелациониот суд ја уважил жалбата на обвинетиот Е.М. и го преиначил првостепеното решение за притвор. Наместо притвор, на Е.М. му е изречена мерка куќен притвор, дополнета со мерки на претпазливост.

Жалбите на останатите обвинети – К.Б., Н.И., Р.Ч.Д., М.С., Б.Х., М.Ѓ. и Р.Д. – се одбиени, а досегашните мерки притвор или куќен притвор остануваат во сила.

Апелациониот суд информираше дека досега се постапувало по вкупно 17 жалби поднесени на изречени мерки „притвор“, „куќен притвор“ и мерки на претпазливост. Од нив, три жалби биле доставени во петокот, а уште 14 пристигнале вчера.

Во текот на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој ја потресе јавноста, под истрага се 68 физички и три правни лица.