Прилепската полиција приведе 13 лица по масовна тепачка пред градската болница „Борка Талески“ во Прилеп. Физичката пресметка била меѓу две групи кои, за полицијата да ги смири, службено лице пукало во воздух. Инаку, на три лица им е укажана лекарска помош кои се здобиле со полесни телесни повреди од удари по главата.

Како што информираат од СВР Битола во прилепската полиција денеска околу 12 часот  било пријавено дека пред Градската општа болница ,,Борка Талески“ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети.

-На местото се испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол. Во Полициската станица во Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, информира Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Основниот јавен обвинител Лидија Салатоска од прилепското обвинителство потврдува дека пред болницата настанала масовната тепачка и полицијата морала со истрерли во воздух да ја смирува ситуацијата.

-Тепачката помеѓу двете групи почнала изутрината во селото Бела Црква, општина Кривогаштани. Ситуацијата со физичката пресметка се префрлила пред градската болница во Прилеп, вели Салатоска која не може да каже за мотивот на пресметката.

Од Итната медицинска помош информираа дека пред да се појават групите, три лица побарале лекарска помош. Имале лесни телесни повреди, главно од тупаници и не биле во никаква животна опасност. Сепак биле пратени на натамошно лекување во хируршкото одделение во Болницата.

По лицата кои барале лекарска помош, веднаш се појавиле двете групи кои ја продлжиле физичката пресметка пред Болницата по што полицијата интервенирала и 13 лица биле приведени