Економските показатели покажуваат дека Македонија постепено излегува од кризата и создава основа за забрзан развој, оцени премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
Како позитивни резултати, Мицкоски ги издвои растот на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти во вториот квартал, растот на индустриското производство и туризмот, како и стабилизирањето на инфлацијата.
– Сите резултати што пристигнуваат – растот на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал, растот на индустриското производство, растот на туризмот и контролираната инфлација – се показатели дека конечно доаѓаат резултатите – рече Мицкоски.
Според премиерот, инфлацијата во Македонија е за два до два и пол процентни поени пониска од нивото во Европската Унија.
Тој оцени дека во изминатите 26 до 27 месеци Владата успеала да ја стабилизира состојбата и да постави почетна основа врз која во следниот период треба да се гради економскиот развој.
– Не можам да кажам дека сме отишле многу нагоре, но дојдовме до состојба на нула, од која треба да почнеме да градиме – изјави Мицкоски.
Долгорочната развојна стратегија, според него, треба да почива врз три столба: патна и железничка инфраструктура, енергетска инфраструктура и висока технологија.
Мицкоски нагласи дека Македонија треба постепено да се пренасочи од трудоинтензивни дејности кон високотехнолошка индустрија со поголема додадена вредност. Таквиот развој, како што посочи, треба да придонесе за зголемување на БДП и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Премиерот оцени дека овој процес не може да заврши во еден владин мандат, туку треба да стане долгорочна национална стратегија за развој на државата.







Comments are closed for this post.