Инфлацијата во Македонија продолжува да се намалува, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во јули годишната стапка на инфлација изнесувала 2,3 отсто, што е пониско и од просечната инфлација во еврозоната, која во истиот месец изнесувала 2,9 отсто.

Трендот на забавување на инфлацијата е забележлив во последните неколку месеци. Во април годишната стапка изнесувала 5,7 отсто, во мај паднала на 4,8 отсто, а во јуни изнесувала 3,4 отсто.

Особено значајно за домашните буџети е движењето на цените на храната и безалкохолните пијалаци. Според податоците наведени во партиското соопштение, во јули тие биле пониски за 1,1 отсто во однос на претходниот месец.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека намалувањето на инфлацијата е позитивен сигнал за економијата и резултат на економските политики на Владата.

„Бројките несомнено се позитивен сигнал за движењата во економијата“, велат од партијата, додавајќи дека Владата ќе продолжи да ги следи економските движења и да креира мерки насочени кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Според податоците, разликата во однос на априлската стапка на инфлација е значителна – за три месеци годишната инфлација е намалена за 3,4 процентни поени.