Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу учествуваше на информативната средба за промоција на процесот на консултации за идентификување идеи за стратешки проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија во рамките на инструментот за претпристапна помош ИПА 2014-2020.

Во Програмата за прекугранична соработка на Северна Македонија и Албанија на располагање имаме 4.930.000 евра. Дали сите средства ќе бидат апсорбирани за реализација на еден или два стратешки проекта, ќе зависи од проектните идеи кои што ќе можат да се доставувуваат до 1 август годинава. Овој јавен повик е различен од претходните два, затоа што станува збор за стратешки проект, што значи дека со неговата реализација ќе се одговори на потребите на поголема популација. Во таа смисла проектот треба да биде од национално или, пак, од регионално значење. Тематските области се широки, што остава простор за голем број различни проектни идеи. Важно е тие да произлегуваат од реалните потреби на граѓаните и да бидат идентификувани во широк консултативен процес, истакна министерот Фазлиу на настанот, на кој присуствуваше и Никола Бертолини, раководител за соработка на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Со оваа Програма во земјава се опфатени пелагонискиот, полошкиот и југозападниот регион, а во Албанија регионите на Корча, Елбасан и Дибра, стратешкиот проект, територијално, би требало да биде имплементиран во тие рамки и да решава проблем на граѓаните кои живеат во тие плански региони. Според критериумите, проектните идеи треба да се однесуваат на поттикнување на туризмот и заштита на културното и природното наследство, зајакнување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите и заштита на животната средина.

Министерот Фазлиу ги повика сите заинтересирани субјекти, вклучително и институциите, да покажат интерес и да понудат проектни идеи за решавање суштински и приоритетни прашања во овој пограничен регион, што ќе има директно влијание на неговиот развој и на квалитетот на живеење на граѓаните.