Повеќе од добредојден за земјоделството е студениот бран што ја зафати земјава по невообичаеното топло време во изминатите денови. Според агрометеоролозите, посебно поволна е снежната покривка со оглед на претходниот сушен период и недоволната влага во почвата.
Засега, како што вели за МИА агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР, нема предвремено потерување на вегетацијата кај овошките иако температурите беа релативно високи, а тоа значи и дека нема опасност од какво било измрзнување.
-Врнежите дожд и снег што паднаа деновиве можеби како количина не нудат многу, но сепак ќе ја подобрат состојбата. Добро е и тоа што снежната покривка ќе се задржи неколку дена, посебно во пелагонискиот регион. По топењето на снегот земјоделците ќе може да го извршат прввото прихранување на житните култури. Влагата ќе го растопи и ќе овозможи негово искористување, нагласува Ангелески.
Снежната покривка во земјоделските региони достигна осум сантиметри во Крива Паланка, 15 во Берово, 19 во Битола и 27 сантиметри во Прилеп. Во однос на количините дожд, најмалку два литра на метар квадратен наврнале во Гевгелија, седум литри во Струмица, девет во Штип, а во Берово и Крива Паланка 17 литри на метар квадратен. Во Битола, Демир Капија, Скопје и Прилеп врнежите се 26 – 30 литри.
Следната недела повторно се очекува зголемување на температурите, максималните ќе бидат 10 – 15 степени, но и тоа нема да се одрази негативно врз земјоделството, оценува Ангелески.
Comments are closed for this post.