И после неколку денови од јавната надзорна расправа во Собранието организирана за изнаоѓање на вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка, не стивнуваат позитивните реакции и коментари од јавноста. Сериозноста на прашањето и начинот на којшто беше организирана расправата за прв пат во поновата историја на нашата демократија говорат дека се работи за исклучително важно прашање. На расправата учествуваа и дадоа свој придонес со одговорите на поставените прашања оние кои се заслужни и учесници во грабежот на банката, потоа преставници на истражните органи па се до надворешни експерти и професори кои од свој агол разјаснија некои од прашањата од теоретски аспект. Недопустливо и непрофесионално беше отсуството на стечајниот управник во расправата за да ги изнесе фактите за пропаднатата банка до кои тој секако има секојдневен директен пристап и е автор на извештајот за стечајот во којшто секоја страна е посебна криминална приказна. Сумарно, честитки за иницијаторите и организаторите на оваа јавна надзорна расправа, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард Банка.
„Овој настан следен со големо внимание од јавноста, отвори повеќе прашања за кои веруваме дека во скора иднина ќе има точни и прецизни одговори. Нашите заклучоци од оваа расправа се следни: Прво, се работи за ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ. Повеќе излагачи го потврдија овој неспорен факт за којшто има и цврсти докази лесно достапни на истражните органи и органите за прогон. Едноставно, не е можно 149 фирми или 72,6 отсто од кредитното портфолио на правни лица во банката да имаат ултра ризични и ненаплатливи кредити во вкупен износ од околу 55 милиони евра, а да не се работи за добро осмислен и спроведен криминал почнувајќи од 2013 година па наваму.
Второ, криминалот е започнат, организиран, спроведен и развиен од лица на раководни позиции во Еуростандард банка. Раководните лица од управниот, кредитниот и надзорниот одбор од банката заедно со избраните фирми каде се слевале ненаплатливите кредити се директни учесници, главни виновници и одговорни за организираниот криминал. Тие се оние кои го оркестрирале целото злосторство што ги остави доверителите, граѓани и фирми, без своите средства доверени во банката. Главниот сопственик и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на банката, Трифун Костовски, на надзорната расправа повторно јавно и отворено ја призна својата лична вина и одговорност за сторениот криминал и потврди дека е спремен и очекува да одговара за тоа. Го спомена и неговиот постар син и долгогодишен раководител на кредитниот одбор за физички и правни лица во банката, Коста Костовски, кој е исто така виновен и одговорен за сторениот криминал. Неговиот татко истакна дека тој наводно бил наивен и изигран од поранешниот претседател на управниот одбор Николче Петковски за да одобрува и потпишува високо ризични и ненаплатливи кредити делени на одбрани фирми. Во овој домен беа испрашани и директорите на истражните државни органи кои директно го потврдија сторениот криминал преку тековните истраги по поднесените кривични пријави како и активностите од банката со отворање на сметки на офшор фирми и реализирани трансакции за перење на пари и финансирање на тероризам кои започнале во 2017 година и многукратно се зголемиле во последните години. Прашање кое останува неодговорено, при вакви цврсти докази и јавни признанија од главните учесници во криминалот предводени од сопственикот Трифун Костовски, е што се чека да овие крадци на нашите пари се изнесат пред лицето на правдата и одговараат за сторените злоупотреби. Што треба да се случи во оваа земја за да правдата биде задоволена и криминалците да одговараат!?
Трето, Народна банка е соучесник во организираниот криминал. Народна банка увидела дека сомнителните и спорни кредити (ненаплатливи или тешко наплатливи) не се давале случајно туку дека се работи за организирана шема која се повторува односно за организиран криминал. Таа можела да превземе низа мерки како што е и одземање на лиценците на оние луѓе во банката кои го спроведувале криминалот но не го направила тоа. Дополнително, во 2019 година уште и дала лиценца за работа на човек без ниеден ден банкарско искуство! Таа можела да поднесе и кривични пријави за злоупотреба на службена должност и овластување на крадците од банката уште пред неколку години, но не го направила ни тоа. Едноставно, дозволила да криминалот се случува и парите на депонентите исчезнат преку добро организирани криминални шеми, кои сега се предмет на истрага. Се разбира, најголема одговорност има гувернерката Анита Ангеловска Бежоста која знаела за криминалот но подолго време не делувала. За цело време таа даваше и јавни лажни изјави дека банката е сигурна како дел од банкарскиот систем во земјата и што е најважно за депонентите кои веруваа во банкарскиот систем, дека депозитите им се сигурни и не треба да постои никаква грижа. Истовремено, Народна банка пласирала инсајдерски информации до нивни блиски луѓе дека планира да ја затвори Еуростандард банка за да ги извадат своите депозити од банката. Меѓу нив е и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска за која Антикорупциската комисија утврди проблематичен професионален и морален кредибилитет како и конфликт на интереси поради извлекувањето на нејзини лични пари непосредно пред затворање на банката. При вакви еклатантни факти за свесни злоупотреби, неделување и дозволување да криминалот се развие до незамисливи граници кои сега не може да се поправат, најмалку што може гувернерката и нејзиниот тим да направат е да ги напуштат позициите на кои што се сега и дадат неотповикливи оставки. Се разбира, таквиот чин нема да ги амнестира од вината и одговорноста за соучеството во овој организиран криминал.
Четврто, звучни имиња во државава се учесници во криминалот. За време на надзорната расправа, пратениците од власта и опозицијата побрзаа да изнесат факти и меѓусебни обвинувања за некои одбрани учесници од фирмите каде завршиле нашите пари, секоја од својот агол. Клопчето почна да се одмотува. Па така, власта ја обвини опозицијата за фирми блиски до претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кои земале кредити од Еуростандард банка и никогаш не ги вратиле. Опозицијата пак, изнесе факти дека голем дел од нашите пари завршиле во фирми од Струмица, блиски до семејството Заеви. Но она што е неспорно, врз основа на изнесеното на надзорната расправа во Собранието, е учеството во криминалот на Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, како косопственик на фирмата „Сара Инженеринг“ доо од Струмица. Според извештајот за стечај на банката, оваа фирма земала кредит од околу 600 илјади евра и воопшто не исплатила ниту една рата неполни 2 години. Едноставно, дел од нашите пари се слевале и директно во џебовите на братот на премиерот и на неговите партнери во фирмата. За овој скандал е вредно да бидат запознати меѓународните институции и јавност како се случува блиски луѓе на водачите на најголемите партии во земјава, членови на нивно семејство или пријатели, директно да учествуваат во крадењето на нашите пари во земја која претендира да стане дел од европското семејство. Можеби оваа лекција ќе биде прва во претпристапните преговори во поглавјето за борбата против криминалот и корупцијата.
Петто и последно, депонентите, физички и правни лица, останаа без своите пари, ограбени, омаловажени, излажани и злоупотребени. Паралелно со борбата за вистината и правдата, овие луѓе поднесоа и иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста и законитоста и воедно укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки со којшто се дава приоритет за целосна исплата на стечајната маса на државниот Фонд за осигурување на депозити, со што се прави нееднаквост и дискриминација кон сите останати депоненти од стечајната маса. Несомнено, оваа иницијатива наидува на бурна реакција и оспорување од банкарско-мафијашкото лоби кое имаше и свои претставници на надзорната расправа во Собранието. Нивната цел е да продолжи праксата на злоупотреби и кражба на нашите депозити и постигнување на ултра високи профити на наш грб, а наведениот член од Законот за банки директно допринесува во таквите нивни заложби. Нашето барање до Уставниот суд е поднесената иницијатива да добие приоритет во одлучување и правичност во постапката. Веруваме дека овој пат ќе бидеме посилни од банкарската мафија во нашата држава бидејќи правдата е на наша страна.
Некои од излагачите, како што е гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, не сакаа или немаа доволно време да дадат одговори на поставените прашања од пратениците. Од нив се очекува да дадат писмен одговор до комисијата за да наскоро се донесат заклучоци во Собранието и следни чекори за постапување. Веруваме и се надеваме дека државата ќе ја признае својата грешка со ненавременото постапување на Народната банка и останатите релевантни државни институции во заштита на нашите депозити и ќе изнајдат начин да ги исплатат нашите побарувања во целост. Не помалку важно е да се изнесат сите учесници во овој организиран криминал пред лицето на правдата и да одговараат кривично и материјално. Само на таков начин државата ќе покаже дека се бори против криминалот и корупцијата на најтранспарентен и директен начин и ќе прати порака до сите останати раководни лица и сопственици на банки што ги чека ако ја спроведуваат истата агенда на злоупотреби и грабеж како што се случувал со години во Еуростандард банка. Во исто време, ваквиот посакуван потег ќе влее и надеж на целата македонска јавност дека државата не толерира неправда и грабеж кон обичниот народ којшто се случил не по негова вина и секој оној кој ќе се обиде да го направи тоа ќе одговара. На тој начин добива економијата во целост, но добива и правната држава која обезбедува правна сигурност на граѓаните и верба во институциите на системот.
Бараме вистината да се открие до крај, правдата да се задоволи, криминалците и крадците да одговараат, а нашите пари да ни се вратат во целост. Веруваме и ќе се бориме за остварување на нашата конечна цел.
БОРБАТА ПРОДОЛЖУВА!“, стои во нивното соопштение до јавноста.
Comments are closed for this post.