Во Собранието денеска треба да заврши расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година.
Во текот на изминатите четири дена, опозицијата го критикуваше предложениот буџет со оценка дека тој е неразвоен и претставува преизборно купување на граѓаните. Според опозицијата, предложениот буџет ќе предизвика далекусежни последици врз економијата.
За владеачката СДСМ, проекциите во буџетот се во согласност со растот на домашната економија и тој е во насока на фискална стабилизација.
Расправата за Предлог-буџетот почна во понеделникот и согласно Деловникот за работа на Собранието, треба да заврши денеска. Предлог-буџетот се најде на пленарна седница откако претходно заврши аманданската расправа за него во матичната Комисија за финансирање и буџет.
Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.
Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022 и препораките на меѓународните организации.
Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.
Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.
Comments are closed for this post.