Преспанскиот регион деновиве личи на вистинска депонија. Жалосни слики од фрлени илјадници тони скапани јаболка. Според проценките од земјоделците со кои разговаравме, фрлени се над 30 илјади тони јаболка.
Ги прашавме производителите што се случува со откупот на јаболката – ни одговорија дека во моментов во овој регион кој каде стигне, таму фрла јаболка.
Револтирани, велат дека состојбата е катастрофална и никогаш во историјата на Македонија и на постоењето на јаболкопроизводството не се памети ваква слика – масовно да се фрлаат јаболките кои се произведени со мака, а земјоделците наместо да заработат, се во тотална загуба.
Состојбата е уште по загрижувачка, поради тоа што јаболките масовно се фрлаат по реки, по заштитени подрачја, на брегот од Преспанското езеро, со што постои опасност од еколошка катастрофа.
Проблем плус претстаува и отсуството на преработувачки капацитети кои би го апсорбирале за производството за јаболколов концентрат.
Пред само неколку месеци, истите земјоделци алармираа дека постои опасност јаболката да не бидат откупени и дека станува збор за огромна количина од над 70 илјади тони јаболка. Здруженијата беа на неколку средби во ресорното министерство, а владините претставници ветуваа помош.
Менде Ивановски производител на јаболка вели дека по нивните апели , во Преспа разговарале со откупувачите и претставници на министерството, по што дел биде извезени во Бугарија , но поради немање на соодветни услови за складирање, производството се расипало и над 20 илјади тони јаболка останале непродадени и фрлени по дивите депонии, што и според нив е една од најлошата варијанта.
Останува фактот дека Владата не успеа да создаде услови за организиран откуп на производството. Јаболката не успеа масовно да се извезе ниту на пазарите каде претходно се извезуваше, како пазарите во Турција, Сирија, Иран, нити на пазарот во Русија, кој годинава беше проблематичен.
Јаболката пак кое беше откупено, се плаќаше по минимални цени. Земјоделците велат дека и наредната сезона ќе биде промашена поради тоа што немаат приход од годинешнава реколта, а тоа значи дека нема да можат да инвестираат за наредната реколта.
Во изминатиот период Владата ветуваше дека ќе обезбеди државна гаранција за откуп и пласманот на јаболкото и дека со низа системски решенија ќе се подобри амбиентот за производство и развој на земјоделието.
Со оглед на тоа што министерот за земјоделство Љупчо Николовски со една нога е веќе надвор од оваа функција, земјоделците се оставени сами на себе, а очигледно не помогнаа ниту субвенциите.
Инаку годинешното производство на јаболка само во Преспа изнесува околу 100.000 тони од кое 90% се извезува претежно на западноевропските пазари.
Овој регион не само што е најголем во Р. Македонија туку и на целиот Балкан спрема површината засадена со јаболков насад по глава на жител. Досега се регистрирани околу 2000 домаќинства одгледувачи на јаболки кои со своето производство овозможуваат егзистенција на околу 8000 членови од нивните семејства. Во Преспанскиот регион се произведува скоро 90% од целокупното производство на јаболки во Р.Македонија.
Comments are closed for this post.