Преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години, Македонија на дело покажала дека е посветена на градење праведно општество со еднакви можности и силна економија која ќе отвора шанси за сите, истакна премерот Зоран Заев во поздравното обраќање пред учесниците на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светска банка, чиј домаќин е Скопје.

Заев додаде дека патот по кој чекори нашата земја е пат на праведноста и фер шанса за сите.

Изразувајќи задоволство што состанок од овој формат се одржува во земјава по пауза од 15 години, Заев истакна дека не било лесно да се зачекори по овој пат, нагласувајќи дека земјата работела на решавање на крупните политички прашања што денес ни овозможиле да имаме сигурно членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ до крајот на годината. Заев додаде дека паралелно со тој процес се работело и на стабилизација на економијата преку спроведување издржани економски и фискални политики.

Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од минус 1,8 отсто во 2017, растот на БДП во првиот квартал од 2019 изнесува 4,1 процент. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали – изјави Заев.

Осврнувајќи се на политиките за намалување на нееднаквоста, Заев истакна дека не секогаш се популарни овие политики поради што и честопати биле изложени на критика на јавноста, додавајќи со силна верба во тоа што го прават за доброто на граѓаните.

Резултатите од сработеното се видливи и ние силно се гордееме со постигнатото. Ја спроведовме реформата за воведување праведен данок. Целта ни беше да постигнеме праведност во распределбата на доходот и националното богатство, тие пари повторно да се враќаат кај граѓаните преку директните социјални трансфери или преку подигнување на квалитетот на јавните услуги – нагласи премиерот.

Заев додаде дека прибраните средства од праведниот данок денес се користат за исплата на повисока социјална помош за 300 проценти, проширено е правото на користење на образовен и детски додаток од постоечките 3.000 на над 7.000 деца. Како што истакана Заев, фокусот на владата е насочен кон инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал, особено во децата и младите луѓе за нашата економија и држава да имаат долгорочни перспективи за развој.

Осврнувајќи се на релациите со Светска банка и ММФ, тој нагласи дека СБ е наш докажан партнер од 1993 година со која до денес е работено на 64 проекти во вредност од над две милијарди долари. Како што посочи Заев, во моментов, СБ учествува во финансирање на осум проекти во фаза на имплементација со вредност од 387,3 милиони евра, а договорена е и новата Програма за партнерство 2019-2023. Го поздрави и отворањето на канцеларија на ММФ во Виена која треба да помогне за поблиска соработка со дел од земјите-членки на Конституенцата, меѓу кои и со Македонија.

Пред околу 70 министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, како и од СБ и ММФ, се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе, како и потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Сите земји-членки на Конституенцата ќе имаат повисок економски раст од регионалниот просек, а најголем напредок во реформите имаат постигнато Северна Македонија и Босна и Херцеговина – изјави Милер во својата презентација на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светска банка.