Премиерот Зоран Заев, во придружба на заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, во Министерството за финансии се сретна со високите претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анка Јоана Јонеску, актуелна директорка на ЕБОР во нашата држава и Анди Аранитаси, кој од септември годинава ќе ја преземе оваа должност во земјава.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата заеднички е оценета како успешна досегашната соработка со ЕБОР и е утврдено дека има услови, интензивната соработка да продолжи и во претстојниот период. На состанокот е констатирано дека се направени добри политички чекори во Македонија и во односите со соседите и дека тоа отвори простор за поактивна регионална соработка и интеграции, а со тоа и економски развој на нашата држава.
Паралелно со интеграциските процеси во НАТО и исчекорите во европските интеграции, силно сме посветени на растот на економијата, преку поддршка на претпријатијата, вложувања во инфраструктурата, зголемување на капацитетите на општините, со цел секој граѓани да почувствува директни економски бенефити. Во тој процес, соработката со ЕБОР ни е многу важна, бидејќи Европската банка за обнова и развој е меѓу најголемите стратешки партнери на нашата држава – изјавил Заев.
Се разговарало и за зголемувањата на капиталните инвестиции, вложувањата во патната и железничката инфраструктура, во енергетиката, за значењето од почитувањето европски стандарди во реализацијата на проектите, како и за придобивките од соработката со ЕБОР.
Во таа насока се дикутирало и за можноста ЕБОР, преку експерти, на техничко ниво да се вклучи во развојот на капацитетите на општините, за коишто е заклучено дека можат значително да придонесат во економскиот развој.
Премиерот Заев сподели и некои од чекорите што ќе се преземат во делот на супституирањето на придонесите за работниците, со цел зголемување на платите, за што се споделени искуства со позитивни резултати од оваа мерка, во земји од поширокиот регион. На средбата е заклучено дека соработката помеѓу Владата и ЕБОР ќе продолжи и во следниот период, со востановената динамика и согласно новата стратегија на ЕБОР за Северна Македонија, којашто дава резултати во делот на квалитетот на живот за граѓаните – се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Comments are closed for this post.