До крајот на месецов земјоделците ќе можат да користат субвенционирано гориво. Договорот за „зелена нафта“ го потпишаа директорот на Платежната агенција Николче Бабовски и директорот на АД „Макпетрол“ – малопродажба Зоран Доневски.

За максимум два месеца „Макпетрол“, кој го доби тендерот, треба да ги испорача сите персонализирани картички за „зелена нафта“, а распределбата ќе оди фазно, по подрачни единици. Предвидено е 55.000 земјоделци да добијат персонализирани картички и со нив, на сите бензински пумпи на „Макпетрол“, 120 низ државата, да купуваат исклучиво „ЕУРОДИЗЕЛ“ за земјоделска механизација. Картичките ќе бидат со различен вредносен износ, од 500 до 100.000 денари, зависно од големината на пријавената површина и видот на културите.

Кој колку пари ќе има на картичката ќе зависи од големината на површините и видот на земјоделските култури, но покриени ќе бидат сите земјоделци, и оние со најмали парцели од 0,2 хектара. Целта на оваа мерка која се однесува на лозарството, овоштарството, поледелството и градинарството, е да ги поттикнеме производителите да го зголемат производството, но и да им помогнеме тоа да биде поевтино, со помали трошоци, истакна Бабовски по потпишувањето на Договорот.

Доневски потенцира дека горивото на „Макпетрол“ е квалитетно и дека нема да ги загрози земјоделските машини, туку напротив, драстично ќе ги намали производните трошоци.

Иако имаме максимум 60 дена за достава на картичките до Платежната агенција, сметам дека ќе ги испорачаме за многу пократко време бидејќи сме подготвени веднаш да почнеме со нивно печатење откако ќе ги добиеме податоците за земјоделците, нагласи Доневски.

Според министерот за земјоделство Трајан Димковски кој присуствуваше на потпишувањето, се остварува ветеното дека во првите две години од доаѓањето на оваа власт земјоделците ќе добијат субвенционирано гориво.

Со оваа мерка, 200.000 милиони денари се враќаат назад кај земјоделците. Тоа ќе значи голема поддршка за нив, ќе им ги намали производните трошоци, ќе им ги зголеми приходите и ќе им го направи производството поекономично, рече Димковски.

Потсети и дека засега со оваа мерка се субвенционираат 30 отсто од трошоците за набавка на нафта, но овој процент може да се зголеми до 50 проценти.

Анализите покажуваат дека најмногу гориво или 150 литри на хектар се троши за овошните насади, 120 литри за лозје и градинарски култури, а 60 литри за поледелско производство.

Директорот Бабовски уште еднаш апелира при првото полнење нафта со картичката, земјоделците задолжително да ја проверат состојбата на картичката и да ја споредат со износот на одобрената финансиска поддршка потврдена во решението. Проверката се прави на касата на бензинските станици на „Макпетрол“.