Премиерот Зоран Заев и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми се сретнаа со повеќе претставници на нашата дијаспора, кои живеат во Италија, Швајцарија, Германија, Белгија, Луксембург, Турција и САД.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата Заев ја истакнал политиката на Владата, која покрај економскиот напредок се насочени кон остварување на клучните стратешки цели – членството на земјата во НАТО и Европската Унија.
Создаваме безбедна, сигурна и економски просперитетна држава, која има пријателски односи со сите соседи и поволни услови за инвестиции, изјавил премиерот Заев.
Заев посочил дека 2018 година сме ја завршиле како година во која Македонија, според „Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година“ од Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) е прогласена за земја со најголем раст на директни странски инвестиции со остварени 737 милиони долари, односно 624 милиони евра, странски инвестиции.
Премиерот на средбата истакнал дека напорите и политиката на Владата се да се подобрува поволната економска клима во државата и условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори и најавил дополнителни позитивни одлуки за поддршка на инвестициите од нашите сограѓани, кои живеат или привремено престојуваат во странство.
Првата порака е инвестирајте. Очекуваме да расте просперитетот на државата, продолжуваме со реформите во сите области, особено во правосудството и ја зајакнуваме бескомпромисната борба со корупцијата – истакнал премиерот Заев.
Во насока на зајакнувањето на врските со дијаспората е и донесениот Закон за поддршка на инвестициите, во кој е предвидено дополнителни 10 проценти од финансиската поддршка за почетни инвестициски вложувања на деловни субјекти основани од државјани на Македонија, кои имаат постојан или привремен престој надвор од земјата.
Како што се наведува во соопштението, претставниците од дијаспората се интересирале за подетални информации за одделни услови и можности за инвестирање, како и за административни прашања и олеснувања, поврзани со поддршката од Фондот за иновации и развој. Тие разговарале и за прашања поврзани со конзуларните и дипломатските претставништва во земјите каде што работат за надминување на непотребни административни бариери, како и за прашања поврзани со државјанството.
Во изминатите две години, Владата воспостави мост меѓу државните институции и дијаспората, кој всушност е комуникација, споделување и решавање на проблемите во рамки на системот – потенцирал министерот Адеми, посебно истакнувајќи го и донесувањето на Националната стратегија за соработка со дијаспората, како прв стратешки документ за ова прашање, од осамостојувањето на државата.
На средбата биле претставени конкретни примери на успешни инвестиции во Општината Македонска Каменица, за кои информирале самите повратници од странство. Исто така биле поздравени политиките на Владата кон дијаспората, кои овозможуваат поволни услови за инвестирање во родната земја.
Comments are closed for this post.