Укинување на скалестиот систем на субвенционирање во земјоделството, измена на Законот за семенски и саден материјал, како и подобрување на конкурентноста на македонското земјоделско производство, се трите идентификувани проблеми за кои коморите во дописот нудат и предлог-решенија. За овие проблеми Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) испратија официјален допис до Министерството за земјоделство. Бараат  решавањето на проблемите што ги засегаат микро, малите и средните претпријатија од земјоделскиот бизнис сектор.

Повикуваме на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис заедницата за да се избегнат непоправливите штети врз македонското стопанство од законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори, стои во дописот.

По дописот, од Од МЗШВ и Кабинетот на Анѓушев одговорија дека ги  разгледуваат барањата на стопанските комори. Прифатени ќе бидат предлозите кои може да се вклопат во петгодишната Национална програма, во законските можности, но и во рамки на буџетот. Истиот став  го потврдуваат и од Кабинетот на Анѓушев.

Владата во стопанството гледа сериозен партнер за спроведување на политиките, особено на оние кои се однесуваат на економскиот раст и развојот на земјата, поттикнува дискусија и ги разгледува предлозите на бизнис секторот за креирање најсоодветни решенија со кои ќе се влијае на подигнување на животниот стандард на граѓаните, раст на компаниите и побрз економски раст. Предлозите од коморите ќе се разгледуваат во секторите и работната група за Законот за земјоделство кој е во надлежност на МЗШВ, а предлозите кои можат да се вклопат во петгодишната Национална програма, во законските рамки и во рамките на буџетот, ќе бидат инкорпорирани во законското решение, наведува Кабинетот на вицепремиерот.