Ново задолжување на домашниот пазар. Министерството за финансии денеска се задолжи за нови 39 милиони евра. На аукција беа понудени 12 месечни државни записи во вкупна вредност од 24.4 милиони евра со камата од 0.8%. Исто така, се продадоа и 30-годишни државни обврзници со девизна каузула во износ од 14,6 милиони евра, при што каматната стапка е 4.3%.

Минатата  година  министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека ќе продолжи со праксата на секои две недели Владата да се задолжува на домашниот пазар, но на подолг рок, со повисоки каматни стапки.

Тевдовски  од Вашингтон  по средбите со претставници од ММФ и Светска Банка , најави дека Светска Банка ќе  и позајми на земјава 420 милиони евра за инфраструктурни проекти.

Аналитичарите веќе и порачаа на Владата дека е добро да се соработува со Светска Банка, но прво треба да ги реализира во целост капиталните инвестиции од 422 милиони евра предвидени во буџетот.

Јавниот долг на крајот на 2018-та изнесуваше 48.7% од БДП, но откако законски негарантираниот долг ќе влезе во пресметката, тој ќе надмине 49% од БДП. Согласно среднорочната стратегија, Владата предвиде да продолжи да се задолжува до 54% до 2021-та година, но Светска банка пресмета дека јавниот долг ќе достигне 53.4% до крајот на годинава.

Од министерството за финансии велат дека со денешната аукција нема ново нето задолжување бидејќи уште утре ќе се врати приближно ист износ или 39 милиони евра по основ на доспеани хартии од вредност.

Во текот на месец април по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 57,4 милиони евра“ – велат од министерството за финансии.