Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев останува на проекциите за раст на македонската економија од 3,2% за годинава, наспроти прогнозата на Светска Банка која во својот извештај посочува дека земјава годинава ќе генерира раст од 2,9 %  и дека во следните две години заедно со Црна Гора ќе има најслаба економија во регионот.

Анѓушев вели Светска Банка е конзервативна во своите извештаи и дека плановите на владата во делот на економијата  ќе се реализираат, односно дека се  очекуваат уште подобри резултати.

Ваквиот оптимизам вицепремиерот Анѓушев го темели на  растот на индустриското производство, првите три месеци во однос на лани  и добрите состојби во земјоделството и градежништвото.

Инаку во најновиот  пролетен извештај на Светска банка се вели дека македонската економија догодина ќе порасне за 3, 2% , а јавниот долг  ќе продолжи да расте. Очекуваат тој годинава да порасне на  53, 4 проценти.  Во извештајот  е нотирано дека стапката на невработеност се намалува, но ги загрижува податокот што половина од населението е неактивно, односно не бараат работа, не посетуваат обуки и не се вклучени во едукативни програми.  Продуктивноста во земјава е на најниско ниво во регионот. Причините за тоа ги лоцираат во лошиот  образовен систем

Позитивно за банката е тоа што платите во приватниот сектор растат, но  најавата за ново зголемување  на минималецот  негативно ќе се одрази врз текстилниот сектор. Препораките  се земјава да се фокусира на економски реформи.

Според Светска Банка, потребни се итни рефрми во администрацијата инвестиции во иновации,  подобрување на конкуретноста.

Годинава  најголем раст ќе генерира Косово од  4 , 4 проценти,  потоа следи Албанија со  3, 8 отсто, Србија 3, 5 , а  БИХ ќе оствари раст од 3, 4 проценти.