Со согласност на Владата, над девет илјади квадратни метри државно градежно земјиште со непосредна спогодба е дадено под закуп на фирмата МХЕ Тополки од Скопје. Ќе се гради мала хидро електрична централа и придружни објекти,дознава „Алсат“

Одлуката е донесена на 11 – ти јуни годинава, а долготрајниот закуп на 32 парцели во село Дреново во Тиквешијата го потпишала вицепремиерката Радмила Шекеринска. Освен непосредната спогодба на прв поглед ништо друго не боде очи во објавената одлука во 127 – от број на Службен весник.

Името на фирмата Тополки е речиси непознато за јавноста. Но, како што тврди „Алсат“, компанијата која се спогоди со државата за закуп на државно градежно земјиште управител е Тодор Анѓушев – брат на вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев. Тековната состојба на фирмата во Централниот регистер покажува дека Тополки која ќе гради хидроелектрична централа, е во сопственост на Хидро Холдинг, а содружник во сопственоста е и Феро Инвест.

Газди пак, на Феро Инвест се вицепремиерот Кочо Анѓушев, брат му Тодор и извесен Никола Гравчевски. Па така, документите од Централниот регистер покажуваат дека во сопственичката и управителската структура на „Тополки“ се членови на семејството Анѓушеви. Кочо Анѓушев е вицепремиер во владата, а фирмата која закупи градежно земјиште е управувана од брат му. Но, и покрај евентуалниот конфликт на интереси, владата донела одлука и го дала под закуп земјиштето, анализира „Алсат“