Да се потрудиме денеска да не направиме турканици во маркетите. Еден ден е! Што и да ни затреба, сигурно ќе преживееме без тоа. Еден ден! Нема простор од паника, нема потреба од залихи. Тоалет двојни дози сигурно нема да ви требаат, масло за готвење исто така! Петок е само еден обичен ден во кој во маркет нема да влезете.

Не дека ќе им наштетиме многу на сопствениците на големите ланци на маркети… Сигурно четврток ќе им биде ден со поголем промет и поголема заработка од минатата недела, петок со помал и тоа нема да им се одрази на месечната заработувачка. Но да испратиме порака! Да кажеме дека сите сме револтирани и вака не оди!

Пензионерите немаат пензија, последен ден од месецот… Приморани се, сакале или не, да го поддржат бојкотот. Во последниот ден од месецот сигурно нема пензионери во маркетите во изобилие. Истото се однесува и за оние кои живеат од плата до плата. Нив им е сосема нормално тој ден да не влегуваат во маркет! Нека се одважат оние кои можат да пазаруваат и последниот ден од месецот, оние на кои буџетот тоа им го дозволува. Тие нека помогнат да се испрати пораката! Тие нека бидат солидарни со оние кои секако на 31 јануари немаше да влезат во маркет, зашто паричникот им е празен или речиси празен!

А вреди ли само бојкот на маркетите?! Едно ѓеврече скокна на 30 денари, една баничка од 80 денари отиде на 100 денари за само еден месец! Ценате на брашното во меѓувреме не скокна, ниту пак на квасецот, сусамот! Да им кажеме утре НЕ и на пекарите, на бурекџилниците, да ги одминеме млечните ресторани… Да не влеземе во сендвичарници, да не купиме гиро, да не земеме пица! Петок нека е ден кога нема да седнете во ресторан, ќе јадете дома, кафето ќе го испиете дома, со семејството, со пријателите! Да им кажеме НЕ на оние кои ручекот во ресторан го направија недостижен за две третини од граѓаните, на оние кои потрошувачката кошничка ја направија ненормално висока, на оние кои дозволија некои дечиња да немаат ни за ѓеврече затоа што цената е превисока.

Нека петок биде ден кога нема да се фатите за паричник, нема да ја повлечете вашата картичка на ниту еден терминал! Сигурно нема ништо да ни се случи, само некој денар плус ќе ни остане во џеб! Сигурно нема да останете гладни, а ниту жедни! Ќе бидете солидарни и еднаш ќе покажеме дека сме заедно! И сиромашниот и просечниот и богатиот граѓанин не заслужува некој неконролирано да му го празни паричникот! Да испратиме порака дека ова мора да има крај!

Ќе помине петок, ќе дојде сабота! Дали треба како зависници од шопинг да навалиме во маркетите и да им надоместиме на маркетите она што го изгубиле во петокот?! И сабота нека имаат заработка помала од минатата сабота. Нека биде така неколку дена, неколку недели… особено во оние маркети каде профитната маржа е над 14 проценти! Веројатно сите видовте кој е на врвот – Рамстор, Тинекс, Веро, Рептил… кои не само што се над 14 проценти, туку се далеку над 20 проценти! Првиот на листа има бруто профитна мрежа од неверојатни 37,1 процент! Нека продолжи бојкотот на овие маркети! Нека не нѐ залажуваат малите акции, попусти кои сигурно ќе ги има во наредните денови… Центите брзо ќе се вратат на старо, а ќе бидат и повисоки! Нека никому не му биде под чест да влезе во „нискобуџетет“ маркет. Производите се исти, цените далеку пониски. Да не им дозволуваме на поединци да не крадат и да печалат на наш грб!

Не ги полнете ќесите во четврток, не влегувајте во маркети, ресторани, кафулиња во петок, во сабота не трчајте веднаш во маркет, ако е неопходно влезете во маркетите со помала профитна маржа! Така нека биде и во деновите што седат… во неделите што следат… Удрија по нашиот џеб, да удриме по нивниот профит! Бојкотирајте!