Размената на националните прописи и усогласување на листи на штетни организми, растенија, растителни производи, заемно признавање лабораториските анализи од акредитирани/овластени фитосанитарни лаборатории, усогласување на фитоконтролите на готови производи и поголема флексибилност во делот на извоз и увоз на добиток.
Тоа се идните области на соработка со Албанија за кои разговараа денеска во Тирана министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и неговиот албански колега Блери Чучи.
На состанокот е заклучено дека нема проблеми во протокот на растителни пратки на граничните премини помеѓу Северна Македонија и Албанија, што се одвива според утврдената постапка согласно со националните прописи на двете земји.
Потребна е, како што заклучиле, и изработка на планови за итни мерки во случаи на откривање на карантински штетни организми и размена на искуства, информации и знаења помеѓу надлежните органи од фитосанитарната област на двете страни.
Димковски посочи дека доколку е согласна албанската страна, може да се иницира подготовка на Спогодба помеѓу надлежните служби од двете земји за фитосанитарна соработка како и подготовка за отворање на Оne stop shop терминал на граничниот премин Ќафасан.
Двајцата министри се договорија да се интензивира соработката на формираната работна група од двете министерства и заеднички да се работи на системска контрола од двете држави во самото менаџирање со рибниот фонд во Охридското и Преспанското езеро.
На почетокот на март годинава беше инициран пилот проект во рамките на ЦЕФТА, чијашто цел беше следење на инспекциските процедури на граничните премини помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија при што беа избрани пет видови земјоделски производи кои најчесто се предмет на трговија помеѓу двете држави. Проектот е проширен и за другите земји членки на ЦЕФТА и документот е во финална фаза. По неговото усогласување, ќе биде одобрено од страна на сите земји членки на ЦЕФТА.
Comments are closed for this post.