Британската авиокомпанија „Бритиш ервејз“ соопшти дека во хакерски напад врз нивната интернет страница биле украдени податоци од кредитните картички на 380 илјади нивни клиенти. Во рацете на хакерите завршиле лични и финансиски податоци на патниците што извршиле резервација преку веб сајтот или мобилната апликација на компанијата во периодот од две недели од 21 август до 5 септември.

Сепак, во соопштението на компанијата што го пренесува весникот „Гардијан“, се наведува дека меѓу украдените податоци нема детали за патувањата или пасошите на клиентите, притоа повикувајќи ги клиентите да ја контактираат полицијата или своите банки.

Упадот во нашиот систем е решен и нашата интернет страница функционира нормално. Штом дознавме дека податоците на нашите клиенти се загрозени веднаш почнавме да контактираме со нив со совети како да постапат во оваа непријатна ситуација. Тоа беше нашиот приоритет – изјави генералниот директор на компанијата, Алекс Круз.

Оваа кражба на податоци е нов тежок удар за имиџот на компанијата. Претходно, во мај минатата година претрпи ИТ катастрофа кога струен удар во нејзиниот контролен центар во близина на лондонскиот аеродром Хитроу предизвика глобален прекин на летовите при што десетици илјади патници останаа заробени, пред се на шесте аеродроми преку коишто патуваат патници до и од Лондон.