Турската компанија „Балканлар пластик“ денеска почна со изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1, каде планира да инвестира 7,5 милиони евра и да отвори на почетокот 80, а подоцна 306 работни места.

Ерен Чалишир од „Балканлар“ истакна дека одлучиле да вложат во земјава, а со поддршка на Владата им било овозможено во многу краток рок да ги направат подготовките за старт на инвестицијата.

Со вложувањето во земјава планираме да придонесеме за нови вработувања. Очекуваме инвестицијата да биде успешна и ќе дадеме се од наша страна да се оствари овој проект, рече Чалишир.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека ова е една од 30-те фабрки што се градат во државата. Турција е еден од најголемите партнери на нашата држава, лани имаше директни инвестиции од 36,2 милиони евра, а во првиот квартал 16,3 милиони евра што покажува тенденција на раст и очекуваме до крај на годината ланската бројка да биде надмината.

Според премиерот Заев, секое отворање нова фабрика е радост за сите бидејќи тоа креира работни места, го зголемува БДП на државата, а учествува и во извозните компоненти, што значи зајакнување на економскиот стандард на граѓаните.

Новите фабрики се радост за сите заради тоа што тие потврдуваат неколку вредности, а тоа е дека е сигурно и стабилно, дека е прогресивно и перспективно и дека практично е возможно да се решат сите прашања и предуслови за отворање фабрика, истакна Заев.

Соопшти дека странските инвестиции оваа година растат со одлично темпо, а економскиот стандард се зголемува.