Девизниот прилив од туризмот во првата половина од годинава пораснал за 26,6 отсто во споредба со истиот период лани.

По основ на патувања во Македонија, во вториот квартал има раст од 87,1 милиони американски долари што е за 27,5 отсто повеќе од минатата година, а вкупниот девизен прилив од туризамот во првите шест месеци од годинава изнесува 151,3 милиони долари, покажуваат податоците на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ).

Континуитетот во зголемувањето на девизниот прилив од посети на странски туристи се должи на мерките и активностите кои се преземаат од страна на целиот турстички сектор во земјава. Покрај медиумската кампања во странски земји што беше спроведена од Агенцијата и која обезбеди интензивна промоција на Македонија на различни странски пазари, беа преземени и бројни активности за промоција на земјата преку организирани посети на тур-оператори, туристички агенции и странски новинари, велат од АППТ.

Како што додаваат од агенцијата, овој тип на промотивни активности ја интензивираат промоцијата на земјата на ефикасен, а истовремено на достапен начин.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го рекламира туристичкиот потенцијал на земјава преку организирање на неколкудневни посети на влијателни новинари, или пак туристички агенции и тур-оператори кои се потенцијални партнери на македонскиот приватен сектор. На овој начин се обезбедува промоција на Македонија во странски медиуми и директна помош на домашните тур-оператори и туристички агенции. Дополнителна промоција на земјава се остварува и преку пласман на различни видови на поддршка на приватниот сектор во поглед на проекти преку кои ќе се засили и збогати туристичката понуда, потенцираат од АППТ.

Од агенцијата порачуваат дека се очекува во 2018 година да биде регистриран најголем пораст досега во бројот на туристи и ноќевања.