Нема регион во државата каде што нема проблем со водата за наводнување. Земјоделската сезона е речиси на половина, а проблеми еден куп, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период укажува на проблемите со наводнувањето.

„Вода до нивите нема. Земјоделците се молат да не фати суша па да го изгори тоа што го посеале. Земјоделците од Овче Поле, Тиквешкиот, Струмичкиот и другите земјоделски региони низ државата два месеци се оставени сами да се снаоѓаа со проблемите. Постои опасност дека земјоделските приноси ќе се преполоват, а власта мува не ја лази. Љупчо Николовски шета низ Европа. Заев гази црвени теписи, а земјоделците не знаат кој крај попрво да го фатат“, изјави Трипуновски.

Тој рече дека во Овчеполието нема вода, а илјадници хектари луцерка се оставени без наводнување. Приносите можат петкратно да се намалат, а штетите по земјоделците да бидат непроценливи. Во Тиквешијата, изјави Трипуновски, над 200 километри каналска мрежа се неисчистени, а илјадници хектари лозови насади ќе останат ненаводнети.