Работниците прогласени за технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ денеска од 11 до 13 часот протестираа на булеварот во центарот на Прилеп, повторувајќи ги своите барања за решавање на нивниот проблем – исплата на отпремнините, на заостанатите плати и придонеси.

Според Пеце Велјаноски од иницијативниот одбор на 154-ицата работници прогласени технолошки вишок, протестите продолжувата се до исполнување на нивните барања кои се познатии непроменети – исплата на отпремнините, на заостанатите плати и придонеси. Велјаноски нагласува дека има уште една недела од овој месец, а нема никакви знаци од најавите и ветувањата дека ако нема купувач за фирмата, Владата ќе интервенира со средства да се решат проблемите.

Протестите продолжуваат, а немаме никакви знаци од Владата дека на повидок има решение. Таква беше најавата од премиерот дека до крајот на овој месец или да се продаде „Еурокомпозит“ или Владата да одвои пари да се исплтат нашите побарувања. Остана уште една недела од месецов, но нема назнаки за решавањето на проблемот. Ние остануваме со протестите сѐ до конечно решавање на нашата голгота, изјави Велјаноски.

Од фирмата, посочи, заминавме на двапати, прво 130, а потоа уште 24 работници. Овие 24-ица имаат земено само  по 5.000 денари од отпремнините, а првиот дел технолошки вишок по 30.000 денари, а сите во просек имаме отпремнини по околу 100.000 денари.

До крајот на овој месец треба да ни се исплати сѐ. Имаме сознанија дека се повикани 10 до 15 работници прогласени технолошки вишок да работат со договор на дело. Така се ставаат во опасност по контроли на инспекцијата да го загубат надоместокот преку Бирото за вработување, изјави Велјаноски.

Цветан Бунтески, прогласен технолошки вишок, смета дека се чека Владата да интервенира зашто фирмата не е во можност да им ги исплати отпремнините до крајот на месецов.

Без интервенција на Владата раководството на фирмата не може да ни ги исплати отпремнините. Очигледно фирмата се бори за опстанок, бидејќи не може да им обезбеди плата на оние кои работат во моментов, а камоли да исплаќа отпремнини. Се уште не сме загубиле надеж дека премиерот ќе си стои на зборот до крајов на месецот Владата да интервенира со средства доколку не се појави купувач за „Еурокомпозит“, посочи Бунтески.