Во однос на капиталните инвестиции ресорот транспорт има одлична реализација. Во делот на гасификацијата реализирани се 71 отсто од планираните инвестиции, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески . Тој најави дека градежната офанзива продолжува и во наредниот период и ако има потреба најверојатно ќе бара повеќе пари за изградба на гасоводот со ребалансот на буџетот.
„Од милијарда и половина наменети за гасоводот сега се потрошени 900 милиони денари. Најважно е прво да се потрошат овие пари, а ако има потреба секако дека ќе бараме дополнителни средства со ребалансот на буџетот“, вели министерот за транспорт, Горан Сугарески.
Интензивно се градат и рехабилитираат и патишта, но овие пари не влегуваат во буџетот. Годинава за нив се потрoшени 25 милиони евра повеќе од лани, а рехaбилитирани се најмногу патишта во последните 10 години.
„Годинава заклучно со август имаме 35% повеќе реализација од истиот период лани. Од 2007 до 2016 биле рехабилитирани 600 км патишта, сега само за една година рехабилитираме 450 километри“, вели Зоран Китанов, директор на ЈПДП.
Од опозицијата пак велат дека оваа власт нема капацитет да го спроведе ни тоа што сама се обврзала да го направи. За 7 месеци успеале да потрошат одвај четвртина од планираните пари.
„Три години ги развлекуваат проектите во инфраструктурата започнати од ВМРО-ДПМНЕ. Направија целосен застој на инфраструктурен план. Никаде ги нема ветените 600 километри нов автопат, ниту 550 километри нови магистрални патишта. Поминаа 3 години, а ништо од тоа што го ветија за време на изборите не реализираа. Оваа власт која три години со прст нема мрднато мора да си замине. Потребни се итни предвремени избори, час поскоро. Потребна е обнова на Македонија“, изјави Светислав Васев од ВМРО ДПМНЕ.
Министерства со најслаба реализација на проекти за првата половина од годината се министерствата за правда, локална самоуправа, труд и социјална политика каде реализацијата е под 5%.
Comments are closed for this post.