Инвестираме 1,3 милиони евра во рехабилитација на регионалниот пат Фурка – Богданци – Гевгелија и милион евра за реконструкција на патот Смоквица – Прдејци, со што решаваме еден од најголемите проблеми на жителите во овој регион, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета на општина Богданци. Според Сугарески, се работи на подобрување на целокупната патна мрежа во регионот.
Ќе ја реконструираме делницата на автопатот од Гевгелија до граница, што практично е делот што недостасува за да имаме комплетно модернизиран автопат на Коридорот 10. Унапредувањето на инфраструктурата во државата и понатаму останува стратешки приоритет на Владата. Во таа насока продолжуваме со оние крупни инвестиции што ги најавивме: рехабилитирање на преку 400 километри патишта, гасификација на земјата, изградба на железницата и подобрување на комуналната мрежа, изјави министерот Сугарески, при обиколката на инфраструктурните проекти.
Како што укажа директорот на ЈПДП Зоран Китанов, Фурка – Богданци – Гевгелија е меѓу од најоштетените патишта во државата.
Во овој регион го завршивме и патот од Гевгелија до Негорци, а на барање на граѓаните ќе го реконструираме и прошириме делот од Богородица до Богданци и ќе ја реконструираме обиколницата на Богданци. Проектната документација за овие проекти е во тек и веднаш по нејзиното завршување, некаде во септември, ќе бидат распишани јавни повици за избор на изведувач и ќе се започне со градежните работи. Во периодот што следува, по завршувањето на туристичката сезона, планираме со отпочнување на уште два проекти, а тоа е рехабилитација на патот од Стар Дојран до граница и од Раброво кон Фурка, рече Китанов.
Comments are closed for this post.